Филипче: Патниците од Милано и Венеција од денеска ќе ја оставаат и адресата на аеродромите

300

На патниците кои од денеска со авиони на „Визер“ ќе стасуваат од Милано и Венеција на скопскиот и охридскиот аеродром ќе треба да пополнуваат здравствена локатор-карта каде ќе треба да ја наведат адресата на престој во нашата земја, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Од компанијата се согласиле на оваа мерка за, согласно најновите препораки, да има  подобра контрола и следење на која адреса ќе бидат во нашата земја оние кои се враќаат од ризичните подрачја во Италија, за евенутална појава на нови заболени.

– Доколку по неколку дена се појави патник со симптоми на инфекција со коронавирус, многу полесно ќе ги најдеме оние кои во авионот седеле пред и зад  патникот – појасни Филипче на прес-конференцијата во Владата.

Картичката патниците ќе ја пополнуваат уште во авионите за да не се создаваат гужви на аеродоромите, а за да има податоци за нивно полесно лоцирање во нашата земја.

Тој нагласи дека нема регистрирани нови заболени од коронавирусот, а првата и единствената пациентка е во добра здравствена состојба, но мерките за превенција од коронавирусот се заоструваат, имајќи го во вид зголемувањето на бројот на заболени во Европа.

– Бројот на заболени во Европа се зголемува, согласно поригорозните мерки на италијанските власти за северниот регион за кои ќе има информација денеска, се решивме да се подигне степенот на контрола на патниците со авиони на „Визер“. На сите гранични премини и натаму ќе се прават скрининзи на патниците, се следат алгоритмите, се прави интервју на патникот и се постапува согласно препораките – рече Филипче.

Институциите денеска ќе ги чекаат и препораките од италијанските здравствени власти и какви дополнителни заострени мерки ќе треба да се преземат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...