Министерот за здравство Венко Филипче, по дилемите и шпекулациите за функционирањето на Детската кардиохирургија со концептот јавно – приватно партнерство откако кардиохирургот Владимир Чадиковски замина од клиниката „Жан Митрев“ и неговиот ангажман го продолжи во клиниката „Систина“, вели дека концептот останува, а операциите на децата ќе се извршуваат во двете приватни болници со истиот износ на пари определени за таа намена од Фондот.
– Флуктуацијата на тимовите е нормален процес во сите развиени европски земји, никој и никаде со години не останува на едно место, луѓето заминуваат заради тоа што сакаат да најдат нова средина за работа и да го унапредат сервисот. Така и ние сега имаме ситуација во којашто во две институции коишто имаат важечки договори со Фондот можат да се прават и детски и адултни кардиохируршки интервенции – рече Филипче во интервју за ТВ Телма.