Филипче: Обврска ни е да се вакцинираме и да ги вакцинираме нашите деца ВИДЕО

232

Со години нашата земја имаше одличен степен на имунизација, но за жал сега не е така, истакна денеска министерот за здравство, Венко Филипче на музичкиот хепенинг кај Школка во парк по повод Светската недела на имунизација.

Според него, постои голем ризик дел од болестите кои со години наназад се искоренети, да се вратат назад, односно да ги донесат патници од земјите каде што тие се присутни и да се заразат невакцинираните деца.

– Ќе промовираме кампањи да ја подигнеме свеста и на населението и на здравствените работници, за бенефитите од вакцинацијата, да воведеме нови вакцинации во календарот, а календарот да го осовремениме со заменување на старите со нови вакцини. Антивакциналните кампањи се докажаа дека не се вистинити. Имаме обврска да се вакцинираме самите и да ги вакцинираме нашите деца – истакна Филипче.

Во однос на епидемијата на морбили во Србија, министерот Филипче рече дека кај нас нема регистриран поголем број на случаи, но оти Министерството будно ја следи ситуацијата. Во фаза на формирање е и координативно тело за вакцинација коешто ќе ги следи состојбите и ќе работи на осовременување на календарот и на контролата на вакцинација за имунизација.

Во однос на трансплантацијата на органи во приватните болници, министерот рече дека се прави модел на јавно приватно партнерство и оти за време на процесот на трасплантација којшто ќе биде контролиран од Министерството за здравство, заедно ќе работат тимови од доктори од клиниките од државното здравство и странски лекари.

– Сакаме да ги искористиме капацитетите и инфраструктурите на приватните болници, нашите лекари да работат заедно со странски стручњаци кои ќе ја преземат експертизата, а во исто време станува збор за пациенти кои сега се упатуваат во странство и со тоа сакаме да го намалиме трошокот за лекување во странство, истакна Филипче.

Министерот најави дека во мај очекува да дојде претседателот на Меѓународната организација за трансплантаицја на органи, кој ќе ги пренесе искуствата како Македонија да биде дел од европската трансплантација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...