Наместо за 10 години, за изградбата на новиот клинички центар во општина Ѓорче Петров се бараат начини да се избере пакет на готов проект со изведба, што тој ќе биде завршен за четири, а не за десет години, вели министерот за здравство, Венко Филипче, кој тврди дека новиот клинички центар во Ѓорче Петров ќе биде државен и нема да се гради со јавно приватно партнерство.
Според овој модел – проектирање и изведба во еден пакет – работат компании во Австрија и Германија, каде неодамна престојуваше и министерот Филипче, со владина делегација и Премиерот Зоран Заев.
– Ова сигурно не значи јавно-приватно партнерство, туку значи изградба на нов клинички центар од страна на државата со соодветен начин на кредитирање. Тоа е модел во кој сакаме да ги обединиме постапките за проект и изведба, на официјална, јавна и тендерска постапка. Сѐ уште анализираме дали овој пакет модел може да се спроведе според нашиот Закон за јавни набавки, заради тоа што има огромен број проекти од компании кои имаат големо искуство во изведување болници ширум Европа – изјави денеска министерот Филипче по средбата со новинарите.
Поентата е да се скуси временскиот рок на градбата на новиот клинички кој ќе чини околу половина милијарда евра (480 милиони), а кој ќе располага со површина 120.000 метри квадратни. Би се градел во местото Веле Поле, под обиколницата накај Тетово.
– Овој модел на пакет би значел „клуч на рака“. Проценуваме дека доколку одиме на овој начин и доколку тоа го дозволува Законот за јавни набавки, можеме клиничкиот центар да го завршиме за четири години. Ако поединечно ги тераме постапките , прво да тендерираме проект, па изведба, сигурно постапката ќе трае околу 10 години – појасни Филипче.
Тој потврди дека веќе разговарале со фирми од Австрија и Германија кои понудиле пакети од готов проект и градба, но постојниот Закон не дозволува вакви пакети да учествуваат на тендер, туку секоја постапка да оди поединечно.
Министерот рече и дека до тоа како би се финансирала градбата на центарот сѐ уште не се стигнати, а Банката на централна Европа ќе биде една од можните извори на финансирање.
Тој објасни зошто ја прекинале изведбата на новиот блок што требаше да биде Клиничкиот центар е заради тоа што, како што рече, тоа било парцијално решение.
– Воопшто не ги опфаќаше ниту хируршките сали, ниту хируршките оддели. Сѐ уште ќе останеа неколку објекти надвор и тоа ќе беше парцијално решение кое можеби сега ќе чинеше поевтино, но на долги патеки – многу поскапо за нашите граѓани. Со нов клинички центар ние го решаваме овој проблем за следните неколку децении заради тоа што само во една нова болница може да се дадат современи медицински услуги, како што се даваат во сите развиени земји во светот, а нашите граѓани тоа го заслужуваат – нагласи Филипче.
За локацијата на која се наоѓа Клиничкиот центар, Филипче рече дека сигурно ќе остане некоја болничка дејност што ќе им служи на граѓаните кои живеат во тој дел на градот.
– Другиот дел од земјиштето може да се искористи и на друг начин, да се продаде. Тоа сепак е вредна локација и со тоа можеме да ги вратиме парите, делумно од кредитот со кој ќе се задолжиме – рече Филипче.