Збунет сум и разочаран од најавата на министерот за здравство, Венко Филипче, дека ќе направел договор со германското Министерство за здравство, нашите медицински сестри да можат да добиваат само привремени работни дозволи, а не и да може да се иселуваат. Оваа најава со право предизвика остра реакција на Здружението на медицински сестри, акушери и техничари.
Ги разбирам мотивите на министерот Филипче, бидејќи Македонија се соочува со драматичен недостиг на медицински кадар. Тукуречи нема медицинска сестра или млад лекар кој денес не изучува германски јазик и се подготвува да бара пристојна работа надвор од Македонија. Но, проблемот е многу посериозен, бидејќи недостиг на едуцирани и работоспособни луѓе има и во многу други струки.
Филипче по професија е лекар и работата ја пресекол како со скалпел – ќе ги замолел колегите во Берлин да му учинат. А можеби и тоа ќе се случи… Но, некој поедуциран во некои други области, морало на човекот да му каже дека вакви договори може да прави само за себе лично и евентуално за членовите на своето семејство, ако тие се согласат. И тука неговите „ингеренции“ завршуваат.
Во светот постои нешто што се нарекува принцип на слободно движење на стока, капитал и труд. Тоа е еден од темелните принципи на слободниот пазар, а без слободен пазар денешна Европа не би била она што е. И затоа, обидот на една категорија население да ѝ се ограничи елементарното човеково право да бара работа таму каде што има, е класична дискриминација. За која се одговара пред законот.
Медицинските сестри се апсолутно во право кога велат дека секој има право да замине во странство ако му се понудат подобри услови и да остане на неопределено време. Ако домашните власти не сакаат медицинскиот персонал да се иселува, нека му понудат подобри услови за работа. Кратко и јасно. А додека тоа не се случи, луѓето од Македонија, која сега ќе биде Северна, нели, мора да имаат право среќата да си ја бараат и на Север – Северозапад. Зошто да не?