Филипче: На 20-годишна пациентка може да ѝ биде ампутирана ногата, поради повреда во сообраќајката

1054

На 20-годишна девојка, која е една од тешко повредените во страотната сообраќајка кај Ласкарци, можеби ќе мора да и се ампутира ногата, поради тешката повреда.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој и денеска ги посети повредените пациенти во ГОБ „8.септември“ изјави:

– Лекарскиот конзилум одлучува како да постапи, но можно е дека ќе треба да се направи ампутација на ногата, која е многу нагмечена – рече Филипче.

Освен оваа повредена девојка, уште петмина пациенти, кои беа тешко повредени во завчерашната сообраќајка, се наоѓаат во животно загрозувачка состојба, бидејќи  имаат повреди кои засегаат повеќе системи.

Министерот појасни дека четворица од пациентите на скопските клиники се наоѓаат во тешка здравствена состојба, а двајца се приклучени на апарат за дишење.

– Тие се здобиле со повреди на главата, но во моментов, не е потребна хируршка интервенција – додаде Филипче. Останатите повреди се на стомакот и на градниот кош.

Од осуммината пациенти хоспитализирани на скопските клиники, четворица се на КАРИЛ, еден е на Трауматологија, еден на Неврохирургија, а на Клиниката за гинекологија е трудницата, која е во добра состојба. Еден повреден е хоспитализиран на Торакална хирургија.

Од 28 пациенти во Градската општа болница „8 Септември“, шестмина ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Синоќа била извршена операција на 14-годишно момче и на 40-годишник.

Директорот на болницата, доц.д-р Христијан Костов, појасни дека интервенцијата  била извршена откако било констатирано дека поради губење крв, состојба им се влошила.

– Кај оперираното момче беше утврдена повреда на црниот дроб, сега тоа е санирано, а кај 40-годишниот пациент повреда на тенкото црево, по што е направена ресекција. Тие сега самостојно дишат и нивната состојба е сосема добра. Двајца пациенти тука се на респиратор, уште кога пристигнаа, а имаат доминантна повреда на мозокот и коските на лицето. Едниот е и со контузија на белите дробови. И двајцата се  со повеќе повреди, едниот е во доста лоша состојба, но времето ќе покаже – рече д-р Костов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...