Обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за имот стекнат со корупција, министерот за здравство Венко Филиче, ги оцени за класични лажни вести и обвинувања, кои се и смешни.
– Некој го прател имотот на семејството на мојата сопруга уште во 2012, 2013 година. Тоа е целта на ВМРО-ДПМНЕ за правење лажна слика, ситуација, да се зборува за нешто што не е вистина. Достигнувањата на Владата во секторот здравство ги признаваат дури и дел од колегите коишто се членови на ВМРО-ДПМНЕ – одговори Филипче на денешната прес-конференција во врска со обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека незаконски се стекнал со имот.
Тој нагласи дека, освен лажни вести и обвинувања, не очекува ништо друго од ВМРО-ДПМНЕ.
– Од таква опција, којашто не нуди ништо сериозно и крупно за нашата држава, ништо и не може да се очекува. Не постои неврохирург од развиена европска западна земја којшто крпел глави на повредени лидери на политичка партија, затоа што некој друг сакал да му го одземе животот. Такви колеги јас не сум сретнал. Ние тоа го имавме во нашиот Парламент. Таква опција нема да се врати во нашата земја. Тие ќе продолжат и понатаму со лажни вести и обвинувања, кои се смешни. Ние продолжуваме со сериозните наши политики – додаде Филипче одговарајќи во врска со обвинувањата од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, за аферата „Шпанско село 2“.