Филипче досега не добил остaвки од доктори од „Жан Митрев“, но и да има, кардиохируршките операции на деца ќе продолжат

374

Досега до нас нема најава за оставки на доктори, но и доколку одредени доктори по сопствена иницијатива сакаат да ја напуштат Клиниката „Жан Митрев“, тоа не значи престанок на спојувањето на експертизите во државно и приватно здравство за унaпредување на квалитетот на здравствената заштита за деца со најтешки срцеви болести, соопшти Министерството за здравство по информацијата дека тимот од поранешната државна детска кардиохирургија, која премина во приватната болница на д-р Жан Митрев, има сериозни недоразбирања со новиот газда и дека може целиот тим да ја напушти болницата.

– Во Клиниката „Жан Митрев“ и сега и понатаму ќе се извршуваат кардиохируршките операции на децата, кои се на товар на Фондот со експертиза од наши доктори и доктори од Република Србија. Сите пациенти кои имаат потреба и понатаму ќе ја добиваат неопходната и квалитетна здравствена заштита во оваа Клиника, затоа што има експерти и доктори од Република Србија, кои во директна соработка со македонските доктори работат на овозможување соодветен здравствен третман на сите пациенти, вклучително и на децата до една година.

Кардиохируршките операции кои се извршуваат во приватната болница ќе продолжат да се извршуваат на товар на Фондот, како и досега. Болницата има склучено годишен договор за операции на деца до една година и овој концепт нема да се наруши, стои во соопштението.

Од таму потврдуваат дека ќе заминат лекари.

– Од аспект на професијата, природно е да има промени во работниот ангажман на доктори и медицински персонал, но ваквите флуктуации на работни места никако нема да влијаат на концептот кој е уреден со договорот, со што нема да бидат загрозени пациентите кои имаат потреба од ваков вид здравствена услуга, велат во соопштението и додаваат во случај да има некакви промени во врска со предметниот договор, очекувааат Клиниката „Жан Митрев“ формално да се обрати до Министерството за здравство.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...