На Инфективната клиника во Скопје е регистриран првиот случај на заразен од коронавирус во земјава, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција на која се обрати и премиерот Оливер Спасовски, како и Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Како што истакна Филипче, станува збор за жена која пред десетина дена се вратила од Италија, каде што била лекувана со антибиотик.
– Пациентката од Италија е позитивна на вирусот Ковид 19. Но, нема простор за паника. Таа е сместена во Инфективната клиника во Скопје, а епидемиолошките анализи укажуваат на тоа дека таа еден месец била во Италија на прошетка и на посета кај свои роднини и дека веќе две недели е болна. Тоа ни дава за право да заклучиме дека инкубацијата е помината и дека немало опасност да се прошири вирусот. Сега се прават анализи и тестови кај сите патниции кои со неа дошле во земјава. Тие ќе бидат ставени во изолација – рече Филипче.
Tој најави повеќе информации на следната пресконференција која ќе се одржи вечерва во 20 часот.
Според Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, жената која е позиивна со корнавирусот е родена во 1970 година во Скопје, а како што рече, не постои простор за паника.
– Наша стручна екипа пред два часа замина на Клиниката за инфективни заболување за да направи увид во здравствената стостојба на лицето заболено од Ковид 19. Имаме податок дека жената е 1970 година од Скопје. Согласно нашите алгоритми од пред три месеци, ништо не е сменето во новонастанатата состојба. Сите патници од Италија што доаѓаат во земјава се третираат како лица што доаѓаат од земја каде што е регистриран коронавирусот. Граничната полиција поставува шест епидимиолошки прашања на лицата од Италија, а доколку некој од нив каже дека има некакви симптоми, тоа лице ќе се тргне настрана во просторијата за изолација. Едно заболено лице кое е сместено во соодветна институција не претставува ризик за останатото население. Медицинските служби се спремни да одговорат на секоја потреба. Населението треба да биде мирно – рече Караџовски.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, им порача на граѓаните целосно да се придржуваат до препораките на Министерството за здравство.
– Во овој момент најважно е тоа што сите државни служби се во целосна подготвеност за да реагираат на новонастанатите услови. Нема причина за паника бидејќи воспоставена е контрола. Апелирам до граѓаните целосно да се придржуваат до препораките затоа што Министерството за здравство постапува целосно според препораките на СЗО. Институциите имаат стручни кадри и опрема за да одговорат на предизвикот. Јавноста редовно ќе биде информирана за новите моменти, но многу е важно свеста на сите граѓани треба да биде на едно високо ниво. Да не се однесуваме неодговорно преку нашите профили на социјалните мрежи и преку пласирање лажни информации – посочи Спасовски.