Филипче: Ги чекаме резултатите од тестирањето на уште едно лице кое пристигнало од Рим со знаци на грип

1023

Двајцата пациенти коишто ги тестиравме денеска имаат негативни резултати за коронавирусот, но сега ги чекаме резултатите од тестирањето на уште едно лице кое неодамна пристигнало во земјава од Рим со знаци на грип, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција

Двајцата пациенти коишто ги тестиравме денеска имаат негативни резултати за коронавирусот. Се чекаат резултатите од тестовите спроведени на уште едно лице кое дошло од Рим со знаци на грип. Надзорот и изолацијата добро се спроведуваат. Одлучено е надзорот да се прави во следните 14 дена. Имаме договор со Црвениот крст за снабдување на лицата со храна и со вода, а во овој момент на Клиниката за инфективни болести нема ниту еден суспектен пациент – рече Филипче.

Министерот посочи дека во моментов во домашна изолација се наоѓаат вкупно 12 лица, од кои осуммина се сопатниците на заразената жена, коишто со комбе завчера пристигнале во земјава од Италија. Тој откри и дека меѓу изолираните лица има и две деца на возраст од 4 години.

– Изолацијата значи дека луѓето се изолирани од контакти со други луѓе и дека не смеат да ги напуштаат домовите и не смеат да примаат гости. Тие се здрави лица и вкупно се дванаесетмина. Во однос на тоа како се контактира со нив, Црвениот крст има јасен начин како им ја доставува водата и храната. Денеска повторно испративме епидемиолози да ги посетат лицата и добро е тоа што луѓето целосно ја разбираат потребата од нивно изолирање. Помеѓу нив има две деца на 4-годишна возраст. Тестови во моментов не се прават затоа што тие не би имале ефект. Има логика да се тестира по првите пет дена. Важно е тоа што сме во секојдневна комуникација со изолираните лица, како и со полицајците кои ги обезбедуваат нивните домови – рече министерот.

Тој уште еднаш го повтори апелот до граѓаните да не патуваат надвор од земјава доколку немаат итна потреба, а исто така соопшти дека институциите располагаат со доволно резерви кои се потребни за заштита од коронавирусот.

– Денеска започнуваме со постапка за набавка на надополнување на резервите, па во следниот период ќе имаме уште поголема количина – рече Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...