Филипче: Во домашна изолација се сите патници од автобусот, заболените се стабилни

Возачот на автобусот во кој имало 28 патници, во меѓувреме повторно заминал за Италија со нова тура и од 13.30 часот денеска е на граничниот премин Табановце. Во домашна изолација се и уште деветмина, кои деновиве биле во контакт со заболените од коронавирус, односно вкупно 34 луѓе.

464

Новите двајца заразени лица од коронавирус, брачната двојка која на 27 февруари од Италија со автобус се вратиле во Македонија, се наоѓаат на Инфективна клиника во стабилна здравствена состојба, но поради нивната возраст тие влегуваат во ризична група, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.

Сопружниците се од општина Центар Жупа, соседна општина на Дебар и биле во посета на свои блиски во Италија.

Филипче рече дека пронајдени се сите патници од автобусот со кој патувале двајцата заболени и дека за сите нив е препишана домашна изолација, надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

– Сите патници се идентификувани, исконтактирани телефонски. Ќе биде назначена домашна изолација. Контактирано е со уште 9 лица кои биле во контакт со заболените и на сите им е назначена домашна изолација и здравствен надзор. Еден патник е жител на Албанија и за него го известивме и албанското Министерство за здравство. Под контрола е и матичниот лекар кај кого се јавиле заболените. Тоа се околу 34 луѓе на кои ќе им биде назначена домашна изолација и надзор. Тие луѓе се од Скопје, Тетово, Дебар, Охрид и од Велес – рече Филипче.

Возачот на автобусот во кој имало 28 патници, во меѓувреме повторно заминал за Италија со нова тура и од 13.30 часот денеска е на граничниот премин Табановце.

–  Автобусот е тргнат на страна, во посебна просторија во сопственост на Царинската управа, а возачот ќе биде прегледан и тестиран. Направен е целосен увид, дел интервјуа се завршени, а ќе се направат на сите патниици кои влегле во земјата – рече Филипче.

Тој информираше дека целосно е подготвен и објектот за изолација во Демир Капија, новоизграден објект на МТСП.

– Секој кој ќе добие симтоми на грип а патувал во некој од регионите каде има заболени или бил во контакт со такво лице да не оди на матичен лекар, туку помош да побара во епидемиолошките служби за да може брис за тестирање да му биде земен во домашни услови. Во рана фаза многу е тешко да се види дали станува збор за типичен грип или настинка. Малксаност и главоболка можат да значат било што. Еве уште еднаш апел да се внимава на сите податоци што се даваат – апелира Филипче.

Министерот посочи и дека останува апелот на граничните премини сите кажуваат вистинити податоци.

– Веќе имаме жаришта не само во Северна Италија, расте бројот во цела Европа. Има случаи во Германија, има случаи и Шпанија, во Франција. За сите важи да ја кажуваат препораката, да ја кажуваат вистинитите податоци, дали биле во контакт со заболени, дали тие имаат симптоми, а за нашите граѓани препораките за спроведување на личната хигиена, често миење на раце согласно тоа што го дистрибуираме во медиумите како препораки – рече Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...