Филипче во визита на штипската Клиничка болница

133

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска беше во посета на Клиничката болница и Здравствениот дом во Штип, каде одржа работни средби со раководствата и заеднички беше направена обиколка низ одделенијата во овие две јавно здравствени установи, информираа од Министерството за здравство. 

– Задоволен сум како се развиваат Клиничката болница и Здравствениот дом. Во 2018 година направивме многу во јавното здравство. Со вработувања, едукација и зголемувања на платите почнавме да го враќаме достоинството на нашите здравствени работници. Сакаме тие да бидат мотивирани и успешни во својата работа, да им ја пружат максималната здравствена заштита на пациентите – потенцираше министерот Филипче. 

Минатата година, Министерството за здравство за Клиничката болница набави нов апарат, видео-ендоскоп за гастроскопија и колоноскопија, вреден 100 илјади евра, наменет за пациентите од Штип и околните места. Исто така, оваа болница во 2018 година доби 10 нови кревети со пациент-монитори, инфузомати и перфузори во коронарната единица, нова центрифуга-машина во клиничката лабораторија, како и по 50 години – нови машини за перење и сушење алишта.

Директорот на болницата, Ален Георгијев, истакна дека во 2018 година, се реализирани 132 вработувања. Во месец февруари 2019 година, набавен е и нов апарат за анестезија во висина од 40,000 евра.

Министерот Филипче, го посети и Здравствениот Дом, каде оствари средба со в.д директорката Снежана Трајковска. На средбата, директорката Трајковска го информираше министерот Филипче дека во амбулантата во Урбаната заедница „Баби“, три пати во неделата има присутен рурален доктор и врши прегледи на населението. Оваа амбуланта е отворена октомври 2017 година и брои околу 5,000 жители. Претходно, во населбата немало лекар.

Во текот на 2018 и оваа година, во Здравствениот Дом во Штип реализирани се 12 вработувања.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...