Вакцините се сигурни, проверени во секој сегмент и секаде исти. Не постои апсолутно никаков сомнеж во нивниот квалитет, ниту каков било при аплицирањето. Може да се јават некои реакции, но најчесто се очекувани, благи, од типот на лесна настинка со ниска температура, рече министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување на 24 Анализа.
Според Филипче, точно се знае како се произведени вакцините, како се транспортирани, како се чувани и каков е начинот на нивна апликација, а паралелен увоз немало никогаш.
Тој најави активна кампања за подигање на свеста за вакцинирање со оглед дека, како што рече, сериозно е паднат опфатот за дел од вакцинацијата, а тоа може да претставува опасност за малите деца ако сега не се преземе нешто.
Се работи, дополни министерот, и на усогласување на регулативата заедно со министерствата за труд и образование и за многу кратко време ќе се излезе со заеднички став.
– Не смееме да дозволиме и натаму да паѓа опфатот на вакцинирање. Според сегашната регулатива, при упис во градинка и на училиште е потребна потврда за секое дете дека е вакцинирано. Лани околу 100 родители не ја исполниле оваа обврска. Дел од нив се упатени на суд, а дел веднаш ја платиле казната – подвлече Филипче.
Минатата година во Македонија биле вакцинирани 130.000 деца, а процентот на компликации бил како во сите земји во светот.
За цената на лековите, Филипче истакна дека е намалена.
– За 80 отсто од сите лекови на позитивната листа осигурениците можат да добијат без никаква доплата лек со рецепт – истакна министерот за здравство.