Граѓаните доколку немаат итна потреба, апелирам да ги одложат патувањата за регионот на Северна Италија, апелираше попладнево министерот за здравство Венко Филипче по најновите случаи на заболени и починати од коронавирус во Италија.
– Денеска бевме во интензивен контакт со нашиот конзул во Венеција. Во овој момент нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија. Го замоливме конзулот доколку постои механизам тој да биде известен ако некоја група наши граѓани сака да се врати во нашата земја и на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини – изјави Филипче.
За денеска во 17 часот е закажан состанок со Центарот за управување со кризи по кој ќе се знае дали ќе се побара од средните училишта да ги откажат закажаните екскурзии во Италија.
– Со конкретни информации во име на другите институции би излегле по состанокот во 17 часот, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде побарано од училиштата да ги откажат закажаните ескурзии.