Концептот за централизација на медицинските лаборатории е од голем бенефит за македонските граѓани. Овој проект е во насока на остварување на европски модел за кој се стремиме со цел реформирање на здравствениот систем и приближување кон модерните европски трендови. Концептот на централизирани набавки овозможуваат оптимално искористување на средствата. Министерството за здравство ќе има можност да ги контролира и предвидува трошоците за тестирање, без оглед каде се изведуваат, тврди министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција во врска со тендерот за реагенси вреден 35 милиони евра.
До крајниот рок за поднесување на понуди за овој тендер, вели тој, пристигната е само една понуда. Во моментов постапката е во фаза на евалуација и сѐ уште не е ниту стигнато до електронска аукција.
– Од причина што станува збор за три-годишна јавна набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи и проценетата вредност за истата е висока, но заштедатата за буџетот на граѓаните е голема. Доколку не постигнеме заштеда, тендерот ќе биде поништен. Во текот на април беше спроведен технички дијалог согласно одредбите од Законот за јавни набавки. По техничкиот дијалог, сите економски оператори кои го искористија правото да дадат забелешки по тендерската документација и поднесоа приговори, во законски одреден рок добија записник и корегирана тендерска документација со сите извршени корекции и измени – вели Филипче.
Според него, целиот процес бил транспарентен и отворен за јавноста, а на јавното отворање присуствувале претставници од Центарот за граѓански комуникации и надворешни претставници од фирмите.
Филипче потенцира дека Министерство за здравство не склучило договор и фирмата која се споменува во јавноста не го добила тендерот.
– Сето ова досега се детали од тендерската постапка која што впрочем е отворена за јавноста преку системот на ЕСЈН подолг период, вклучувајќи го и периодот на технички дијалог. Протоколите за транспорт на крв се според досегашните протоколи и во тендерската документација јасно е напишано дека економскиот оператор е должен во цената да има вклучено транспорт на крв – посочи министерот
Во овој момент и во досегашниот тек на постапката, како то вели тој, не е сторена никаква штета ниту по Буџетот ниту по крајните корисници на услугите – граѓаните на РМ.
Министерството за здравство, тврди Филипче, по објавениот тендер сѐ уште не ја евалуирало понудата, а доколку по грижливата анализа на фактите и доказите постојат недостатоци во целокупната поднесена документација со понудата, согласно одредбите од Законот за јавни набавки истиот ќе претставува основ за поништување на тендерот и постапката без предизвикување на дополнителни и вонредни штети за ниедна страна.