Фикс-идеја од 17 милиони евра

Идејата водилка им биле имбецилните искази на нивниот водач за тоа како тој ја гледа историјата, како тој перцепира еден музеј, како тој ја замислува оваа Македонија како негова лична сопственост преточена демек во современа европска држава.

855
Она што може сосема рамноправно да му конкурира, па и да го надмине во одделни сегменти, на капиталното упропастување на милиони евра државни пари тотално погрешно и некомпетентно насочени од страна на бившиот премиер како идеен конспиратор на „проектот“ и библиотекарот-академик како негов слуга покорни и реализатор на неговите сулуди идеи, е токму македонскиот музеј со најдолго име во светот, а кој што деновиве е посебно актуелен во нашава јавност.И обата „проекти“ комплетно ја илустрираат имбецилноста и на конспираторот – зашто спомнатиот „музеј“ е, повторно, негово идејно чедо – и на неговите следбеници, но најдобро ја илустрира идејата за самозаробената држава која што сѐ уште грчевито се држи за македонското секојдневие. Ако библиотекарон-академик и неговите компањони писатели-криминалци, следеејќи ја умоболната умисла на малото овчарче дека тој е даден од господа на оваа земја да ѝ ги поттури сите (божем) светски класици но и останатото издавачко ѓубре во очаен македонски превод, така и една група музејски тотално неписмени партиски војници верно ја следеа овчаровата фикс идеја дека тој знае повеќе од сите не само за историјата туку за сѐ живо на овој свет. Па и за музеологијата, нормално. И му ја изградија фикс-идејата, „музејот“ од 17 милиони евра (со наши пари, се разбира), му направија „поставка“ (повторно со наши пари), домкнаа едно чудо самозаробен народ (сосе растениено од Водно!) на отворањето, и мислеа дека ни продале – музеј. Се разбира, тие ја продадоа тоест ја уновчија идејата за (божем) музеј на македонската државност и самостојност на безимената самозаробена толпа, сметајќи дека нивната власт ќе трае барем колку и османлиската на овие простори, а несметајќи дека веќе утре, тоест денес, некој може да рече: абе ајде да го видиме одблизу тој фамозен музеј! И таму навистина има што да се види, односно да не се види – зависи кој што бара да види (или да не види!) во еден музеј. Или, токму таму може да се види целата сушност на самозаробената држава, од почеток до крај, од идеја до реализација во една држава што се нарекува жална самозаробена (Северна) Македонија.

Но, токму и овие постфестум реакции на отпадоците на „најпатриотската“ македонска партија јасно упатуваат на сите финеси на мојата теза за самозаробената држава. Зашто, ако еден (самозаробен) и шестокласен „глумец“ толку порасна да појаснува кој е кој во македонската култура, и кој е кој во македонската историја и музеологија, тогаш – сѐ би требало да биде јасно. Овој митингаш ниту знае што е музеј, уште помалку разбира што е музејска поставка. За историја ич да не говориме! Но е партиски шеф за култура, ни мање ни више! Или „најпатриотската“ македонска партија решила баш преку него конечно да си го демонстрира односот кон културата? Аферим! Но ако самозаробенине „историчари“ кои прифатија да ја реализираат сулудата идеја на нивниот шеф и да ја преточат во музеј (односно „музеј“) сметаат дека одбраната на нивното „дело“ треба да се објави, и објасни, токму преку партиско соопштение читано од еден партиски митингаш, тоа е сепак нивни проблем. И отворено сведочи за нивната „стручност“ камуфлирана преку штабквартирни објави. Но со тоа покажуваат дека ни тие, односно токму тие, ни знаат што е музеј а што историја, ниту пак умеат да ја направат таа разлика. Зашто музеологијата не е историја или – најмалку е историја. Ако веќе сакаме да ги поврзуваме, тогаш една музејска поставка, или конкретно таа музејска поставка што ги боли жмороните, е само визуелизација на дел од историјата. А тоа е сосема друга работа и посочените „историчари“ се тотални дилетанти во тој поглед! Впрочем, шестокласниот митингаш со (можеби) завршена некаква актерска школа требал (барем) да посочи, односно да документира што и како „стручњациве“ понудиле како концепт за поставката. Можеби да го понуди елаборатот што (не) го изработиле, а врз основа на кој што правеле нешто што повеќе наликува на циркус отколку на музеј? А за што биле дебело платени!? За среќа, можеби, ова ќе бидат последните денови на тој музејски моснтрум!

И всушност, токму тоа е мојата теза за самозаробената држава: каде такви „стручњаци“, такви дилетанти – а по примерот на овчарот сезнајко – се зафаќаат со сериозни културни, образовни, научни … државни работи, а остатокот од петтата колона аплаудира и нивниот „производ“ ни го нуди како нешто несекојдневно, како некаков дострел во посочените области, како репер за – утре. А, кутрите, појма немале ни што правеле ниту што требале да прават. Идејата водилка им биле имбецилните искази на нивниот водач за тоа како тој ја гледа историјата, како тој перцепира еден музеј, како тој ја замислува оваа Македонија како негова лична сопственост преточена демек во современа европска држава. И затоа и велам: не е проблемот (целосно) во него, туку – во нив! Да ги немаше нив, ќе го немаше ниту него: оние неброени, или конкретно изброени – ама џабе – самозаробени поединци кои од него – алоооо, од него! – очекуваа развој, прогрес, членство ваму и таму. Или – не очекуваа? Можеби токму тоа е најточната интерпретација на самозаробената Македонска држава, на самозаробените македонски поданици? Дека тие очекуваа дека ќе имаат самозаробена држава во која што ќе прават што сакаат? Без никој да им се меша во работите?

Какви тутурутки, мајко мила. И тие мислат дека воделе држава?! Или – не мислат, туку точно знаат што и како правеле, ама ние, па и Прибе, им придаваме премногу значење?!

(Преземено од Теодосиевски уметност)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...