ФЗОМ: Од 1 септември капитациски поен за избраните гинеколози ќе биде 55 денари

415

Фондот за здравствено осигурување на Македонија на последната седница на Управниот одбор донесе одлука од 1 септември да ја зголеми вредноста на капитациски поен за избраните гинеколози од 50 на 55 денари за секоја осигуреничка која извршила избор.

Од ФЗОМ соопштија дека одлуката ја донеле по разговорите и преговорите со Здружението на приватните гинеколози акушери на Македонија (ЗПГАМ), а во насока на повисоко вреднување на трудот на избраните гинеколози и зголемување на квалитетот на пружените здравствени услуги на осигурените лица.

ФЗОМ, како што се наведува, исто така, го зголеми финансискиот надоместок за избраните гинеколози кои вршат породување во породилиштата во здравствените домови во Република Македонија, а со цел обезбедување навремена здравствена заштита на бремените жени во местата каде нема гинеколошко – акушерски одделенија во болничките здравствени установи.

Со цел унапредување на статусот на избраните гинеколози во примарната здравствена заштита и потребата од нивно поголемо ангажирање за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките, Фондот го дополни Правилникот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарна здравствена заштита при што за првпат, се воведува вреднување на обезбедените здравствени услуги за бремени жени од избраниот гинеколог. Имено, основната капитација за гинеколозите кои следат бремена жена ќе се пресметува со тоа што ќе се множи со два поени, односно гинеколозите кои следат бремена жена ќе добиваат двојна вредност од капитацијата.

Ваквиот начин на пресметување на капитацијата за бремените жени ќе се применува за времетраење на бременоста, односно до завршување на породувањето, но не повеќе од девет месеци, посочуваат од ФЗОМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...