Фејсбук се согласи да плати казна од 500.000 фунти поради кршење на законот за заштита на податоци во врска со консултантската компанија „Кембриџ Аналитика“, соопшти денеска британски регулатор за заштита на податоци.
Генералниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг се соочи со испитувања пред американски и европски пратеници за тоа како консултанстката фирма ги добила личните податоци од 87 милиони корисници на Фејсбук, кои биле користени за политички цели.
Казната е ниска во споредба со пазарната вредност на Фејсбук, која изнесува 540 милијарди долари, но е максимална која може да ја изрече Канцеларијата на повереникот за информации и претставува прв чекор во казнување на оваа социјална мрежа поради тој скандал.
Како што се наведува, Фејсбук се откажа од жалба и се согласи да плати казна, но не призна одговорност.
– Задоволни сме што Фејсбук презеде и ќе продолжи да презема важни чекори кон почитување на основните принципи за заштита на податоците, порачува Канцеларијата на повереникот за информации.