Фејсбук повторно се најде на удар на критиките, овој пат поради апликација за препознавање лица што ја тестираше на своите вработени.
Според „Бизнис инсајдер“, апликацијата користи непосредно препознавање на лицето што ја идентификува личноста веднаш штом ја насочите камерата на мобилниот кон него.
Тие наведуваат дека апликацијата е креирана уште во 2015 или 2016 година, а нивниот извор наведува дека една верзија на апликацијата е во можност дури веднаш да го пронајдат профилот на Фејсбук на лицето кон кое е насочена камерата. Сè што ова лице го објавило на Фејсбук е достапно за еден момент.
Од Фејсбук потврдија дека развиле таква апликација, но негираат дека е во состојба да ги идентификува корисниците.
„Со цел да научиме за новите технологии, нашите тимови редовно развиваат апликации што ги користиме внатре во компанијата. Оваа апликација беше достапна само за нашите вработени и може да ги идентификува само нив и нивните пријатели кои ја имаат функцијата за препознавање на лица“, се вели во нивната изјава за CNET.
Претходно овој месец, корисниците на ајфон на социјалните медиуми предупредуваа на грешка што ја забележале на нивната апликација за мобилни телефони на Фејсбук. Поточно, на некои од нив автоматски им се вклучувала камерата кога пристапувале до апликацијата Фејсбук.