Фејсбук суспендираше мрежа руски профили поврзани со военото разузнавање

89
ФОТО: EPA/MAURITZ ANTIN

Фејсбук денеска соопшти дека ја суспендирал мрежата налози, користени од руската воена разузнавачка служба.

Фејсбук тврди дека внатрешна истрага открила дека лицата кои стојат зад откриените лажни профили, навидум меѓусебно неповрзани и некоординирани, припаѓаат на руските воени разузнавачки структури.

Руското Министерство за одбрана засега не ја коментираше одлуката на Фејсбук.

Раководителот на секторот за кибер безбедност во Фејсбук Натаниел Глајчер изјави дека во најновата руска операција на Фејсбук и Инстаграм користени се повеќе од 100 лажни профили на лажни новинари во различни земји. Од тие лажни налози контактирани се локални медиуми и политички личности со цел да се пласираат измислени детали или приказни за спорни политички прашања како наводна корупција, етнички тензии на Крим или за падот на малезискиот авион во Украина во 2014 година.

Глајчер вели дека Фејсбук одамна знаел за корисници кои преку контакт со вистински луѓе се обидувале да протурнат и наметнат „негативно влијание и да ги остварат своите намери“.

Компанијата „Графика“, која се занимава со истражување и анализа на социјалните медиуми, ги прегледала спорните налози пред да ги суспендира фејсбук и соопшти дека биле најактивни во 2016 и 2017 година, иако некои профили биле активни и годинава.

Фејсбук соопшти дека суспендира уште две групи профили, од кои една поврзана со претходно идентификувана иранска мрежа која ги таргетира САД, а другата со една пи ар агенција во Виетнам.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...