Социјалните мрежи Твитер и Фејсбук се преплавени со реакции, критики и осуда на скандалозната изведба на државната химна од пејачката Тамара на синоќешната прослава на националниот празник 4 јули – Денот на независноста на САД во американската амбасада во Скопје.
Тамара химната ја испеа без стихот каде што се споменува Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански, а тоа истури грамада од коментари дека станува збор за нарачка и национален срам, а има дури и барања за кривична одговорност на пејачката поради непочитување на државните симболи.
Тамара која годинава освои прово место од стручното жири на Евровизија со извонредната „Proud“, се извини за испеаната грешка која, како што рече ја направила од преголема возбуда. Таа побара прошка, но и со тоа беше дочекана на нож со коментари дека на професионалец не смее да му се случуваат вакви дилетантски настапи, настрана што голем дел од јавноста се сомнева дека не станува збор за грешка, туку за нарачка да се испее „сечена и лепена“ македонска химна на американската прослава.