Фејк вести и залечени пациенти

Единствениот начин суштински да се пристапи кон ограничувањето на ефектите од ширењето лажни вести се чини е да се тргне од дното на самиот проблем – односно да се намали поларизацијата во општеството која добива болни и ненормални димензии, и со тоа сите политички субјекти да покажат поголемо разбирање за градење поздрава клима за водење политичка дебата. Полесно кажано, отколку оствариливо. 

834

Лаги, конспирациски теории и измислени „фејк“ вести станаа едно од најсилните политички оружја против кои мошне тешко се применува некаква ефикасна одбрана. Но станува и бесполезно доколку за ширењето на лажни вести се бара вина пред се во некритичкиот пристап на нивните консументи на најширок план, бидејќи не може да се бара и очекува граѓаните да располгаат со можности за проверка на бекграундот на информациите за да не дозволат да бидат излажени и дезинформирани.

Лажните вести како глобален феномен веќе подолго време се дел од секојдневието. Во последните години во рамки на целата ЕУ, и покрај постојаните дебати, интензивни проверки на факти и истражувачки инструменти, интензивното циркулирање на лажни вести продолжува. Нивното ширење всушност функционира беспрекорно добро и без некаков посебен концепт. Критики против политичари кои шират лаги и невистини не стивнуваат, но се чини дека тоа ни најмалку не помага да се намали испорачувањето на исмислици и конструкции.

Гугл, Фексбук и Твитер не постигнале успех во борбата против лажни вести, соопшти Европската комисија во пресрет на годинашните избори за Европскиот парламент. Меѓу другото беа критикувани компании и медиуми поради нецелосни извештаии за тоа кои мерки се преземни против политички огласи и реклами и против непријателските и штетни активности насочени кон ЕУ. Европската комисија едновремено укажа и на недостигот од смерници и директиви во оваа област за подобрување на мерливоста на оставрените резулати.

А токму прецизноста во изборот на методите за мерење на резултатите во борбата против неконтролираното ширење на дезинформации – е несигурна и растеглива. Проблемот, всушност, е во тоа дека не постојат некои сигурни докази за функционалноста на методите. Напротив. И покрај напорите за разобличување на написи и вести со лажни факти, ефектите често се дури и во целосна спротивност со добрите намери насочени кон заведување на неков ред на медиумскиот пазар.

Консументите на вести, без оглед на настојувањата да се придобие нивното внимание кон еден контролиран контекст, во крајна линија не покажуваат посебна подготвеност за „корегирање“, продолжувајќи и понтаму – врз база на своите предубедувања, симпатии и тврди ставови – да ги избираат изворите на информации што сакаат да ги следат.

Истражувањата покажуваат дека и покрај тоа што намерите зад дистрибуцијата на лажните вести се разоткриваат, луѓето кои однапред се определени и избираат веднаш да веруваат во нешто, тешко помнат дека извесни вести или податоци биле лажни. Иницијалната порака која е пласирана со лажната вест, и која во даден момент силно соодвестуваа на расположението кон одреден прашање во некоја целна група, останува на цврст терен и тешко може да биде демантирана. Однесувањето и реакциите на социјалните мрежи тоа јасно го потврдуваат како модерен феонмен на комуницирање во најшироката јавност без никакви посебни критички задршки или свесни промислувања. Демантот во најголем број случаи само води кон засилување на вниманието околу претходно пласираната лажна вест.

Искуствата недвосмислено покажуваат дека во многу случаи луѓето не се заинтересирани да ги проследат „интервенциите“ против лажните вести бидејќи имаат негативни ставови кон оние кои интервенираат, сметајќи ги како дел од естаблишментот и „владиниот пропаганден апарат“. Бројните реакции и негативни коментари деновиве против Акцискиот план за справување со лажните вести на македонската Влада се токму на таа линија.

Во меѓународни рамки има низа илустративни примери за постигнување токму на спритивен ефект. Пред извесно време сајтот „Њупорт Баз“, на пример, објави напис за тоа дека илјадници Ирци биле однесени во САД да работат како робови. Приказната беше отфрлена како лажна од страна на Snopes.com и агенцијата АП, а кои Фејсбук ги ангажирал да ги истражат фактите. Но ефектот всушност бил таков што претходното интересирање за изворниот „фејк“ напис само уште повеќе се зголемило.

Овој пример ја покажува тешкотијата да се користат факти во борбата против измислици и нивната медиумска злоупотреба. Колку повеќе луѓето покажуваат склоност да веруваат во нешто, дотолку повеќе ги отфрлаат фактите кои ги напаѓаат нивните цврсто утврдени ставови и вреднувања, без оглед дали чувствуваат потреба да ги подложат на какво било критичко преиспитување.

Примери за такво талкање во сивата зона на лажните вести има многу. Веќе е подзаборавена, на пример, силната кампања која ја пласираше ВМРО-ДПМНЕ пред парламентарните избори дека Владата предводена од СДСМ ќе отвори илјадници кампови за бегалци од Блискиот Исток и Африка. Од тоа не беше видена ни трошка. А тие што поверуваа во тоа, веројатно и понатаму би верувале доколку некој најде за сходно малку да ги потсети.

Слична е состојбата и со владините ветувања, од кои најдобар пример можеби е добиениот-недобиениот-ветениот почеток за преговори за членство во ЕУ. Кој во што верува околу тоа се чини веќе не е ни важно.

Она што веројатно е најважно да се разбере е дека лажните вести всушност најмногу се поврзани со остварување на моќта и влијанието во оштеството, не само во однос на борбата за вистинита. Оние кои шират лажни вести го прават тоа за да го ослабнат политичкиот противник, а не затоа што самите веруваат во содржината на сопствената продукција на дезинформации. Македонија е само еден од добрите примери за таквата практика која моментно владее на политичката сцена.

Единствениот начин суштински да се пристапи кон ограничувањето на ефектите од ширењето лажни вести се чини е да се тргне од дното на самиот проблем – односно да се намали поларизацијата во општеството која добива болни и ненормални димензии, и со тоа сите политички субјекти да покажат поголемо разбирање за градење поздрава клима за водење политичка дебата. Полесно кажано, отколку оствариливо.

Како што некој има речено во овој контекст, потребно да се направи напор да му се помогне на пациентот вистински да оздрави, а не само да му се стави обичен фластер. Тоа можеби не е доволно како решение, но нешто сепак мора да се преземе и тоа не само за пациентот да биде залечен, туку и да се спречи – да умре.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...