Фетаи побара затвор за Мијалков, Тачи и ексчленовите на ДИК поради пазар со гласови

1169

Сосема оправдано можеме да очекуваме осудителна пресуда во предметот „Титаник 2″ против лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, порача обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи во завршните зборови на овој судски процес.

Во овој случај, според СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги искористил своите реални влијание и моќ и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година. Со тоа наместо Зоран Заев да победи уште во првиот круг, се одржал и втор, во кој противкандидат му бил Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, предмет на обвинение е само едно од избирачките места каде бил усвоен приговор и гласањето било поништено и покрај тоа што немало повеќе гласачки ливчиња во кутијата од бројот на граѓани кои гласале.

За останатите две гласачки места, иако неправилно е поништено гласањето, сепак, како што рече обвинителката, успеале да се снајдат за да не се гонат кривично.

Поништувањето на гласањето, според Фетаи, е егзактна пресметка на ВМРО-ДПМНЕ за тоа колку е потребно за нивниот кандидат да може да оди во втор круг.

– Тачи иако нема законско право ниту статутарно овластување го убедил Бедретин Ибраими да гласа за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ- рече Фетаи која посочи дека за возврат членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за приговори на ДПА за Чаир.

– Целото раководство било запознаено со пазарот на Мијалков и Тачи. Овој факт може да се утврди и со разговорот меѓу Никола Тодоров и Драган Павловиќ Латас во кој Тодоров вели: „Има уште два приговори, сега јасно им е дека за Струмица ние и ДПА сме се договориле” – потсети обвинителката.

За Бедретин Ибраими, Фетаи кажа дека јасно се гледа и од снимката од седницата на ДИК и од исказот на Виолета Дума која беше член од комисјата по предлог на СДСМ, дека тој имал став оти не треба да се прифати приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, но откако добил повик од шефот Тачи магично го променил мислењето.

Другите обвинети членови на ДИК, според СЈО, ги злоупотребиле службената положба, не биле во функција на на Изборниот законик туку на партиските интересни.

– Не биле државни службеници туку се грижеле за постигнување на партиските цели макар било тоа и со навлегување во кривичната зона – рече Фетаи.

Штета предизвикана врз буџетот со прегласувањето на тоа избирачко место е проценета на 26.011 денари иако првично беше проценета на околу 146.000 денари.

– Материјалната штета е законско обележје и таа не е суштината на овој предмет. Овде се работи за атак на изборниот систем, настапило развлекување на изборниот процес- рече Фетаи.

Таа побара затворска казна за сите обвинети и судот да ги земе предвид и отежнителните и олеснителните околности.

Обвинителката во завршните зборови не ги заборави ниту управните судии кои првично беа обвинети, но не седнаа на обвинителна клупа бидејќи имаа имунитет. За нив Фетаи рече дека биле на линија на ВМРО-ДПМНЕ и оти не биле за џабе тефтерчињата на Гордана Јанкулоска кои ги слушавме во бомбите, за кои тефтерчиња, рече дека екс министерката била потикната од Мијалков.

Фетаи прокоментира и дека нема да е чудно тие да продолжат да судат партиски, но сега за другата страна. На ваквиот нејзин коментар реагираа дел од обвинетите и адвокатите бидејќи според нив, таа држела партиски говор.

Таа на крајот се осврна и на начелното правно мислење за СЈО, или, како што го нарече, став кој според неа е неправен. Таков став, рече обвинителката, Врховните судии можеле да донесат, на пример, за Комисијата за спречување корупција која не е овластена да покренува истраги, но може да иницира.

Според законите, посочи Фетаи, овластен тужител е јавен обвинител или приватен тужител. А, специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим се јавни обвинители, а не доаѓаат од фудбалската федерација.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...