Судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, познато како предмет „Монструм“ на СЈО, продолжува на 4 октомври, откако на денешното рочиште беа сослушани 25 снимени разговори.
Сите разговори се правени по петкратното убиство, односно првиот е од 13 април. Најголем дел од разговорите се меѓу тогашни функционери и се однесуваат на текот на истрагата и екстрадицијата на обвинитите, но се слушаа и разговори со новинари, бизнисмени, па дури и гатачка.
Обвинителката Фатиме Фетаи, по денешното рочиште, рече дека треба да се има трпени и оти детална анализа на сите докази ќе има во завршен збор.
– Вредноста на разговорите коишто денеска ги слушнавте, не можам да кажам ништо повеќе од она, значи слушнавте и самите кои се соговорници, времето кога се одвиваат разговорите, нивната содржина. Меѓутоа, анализа детална на сите докази, на секој поединечно, на сите во склоп на една целина ќе има кога ќе дадам свој завршен збор. Во моментов не можам ништо повеќе да кажам – рече Фетаи.
На следното рочиште треба да се почне со изведување на 133.000 СМС пораки и други транскрипти.
Обвинителката Фатиме Фетаи, предложи поради големиот број докази, да не се изведувата сите, туку само оние што се од интерес на одбраната и обвинителството.
– Има многу, најдобро е да ги видиме сите и да преложиме тоа што е битно и за нас и за одбраната и тоа да го читаме. Ако читаме се, ќе ни требаат пет години – изјави Фетаи, посочувајќи дека ќе треба да се повика и Ѕвонко Костовски, за да објасни како се добиени некои од доказите, бидејќи меѓу нив имало и со ПИ мерки.