Обвинителката Фатиме Фетаи на денешното судско рочиште за случајот „Монструм“ побара од судиите да побараат конкретен одговор за двајцата обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во Косово и никако да се екстрадираат.
– Ако може од министерката за правда одговорот да биде поконкретен, дали воопшто е започната постапка за екстрадиција и дали воопшто од нивна страна е преземено или се презема нешто во таа насока. Тоа да го има во одговорот оти сите одговори до сега беа исти односно дека постапката е во тек. Ние сме веќе во вториот дел од судењето и можеби за неколку месеци може да се очекува конечна одлука и апсолутно е неприфатливо. Министерството за правда да пушта, а ние да примаме такви одговори – рече Фетаи.
И Адвокатката на семејствата на жртвите го побара истото и дополнително побара преку судот да се организира средба на семејствата со Дескоска.
Адвокатот на обвинетите, Насер Рсуфи, пак се спротистави велејќи дека барањето за екстрадиција е одбиено веќе еднаш.
Судијата Огнен Ставрев рече дека ќе побара да се види со министерката и за сѐ што има ново ќе ги извести странките.
На претходното рочиште се слушаа разговори од бомбите, а денеска треба да се читаат СМС пораки. Обвинителството располага со над 600 пораки.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово од каде до сега никако да ги екстрадира. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.