Фетаи бара затвор за Јанкулоска за случајот „Тенк“

СЈО смета дека во дејствијата на обвинетата се содржани обележјата на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања бидејќи истата била свесна за делото и го сакала

1708

Специјалното јавно обвинителство во своите заврши зборови во судскот процес за набавката на блиндираниот мерцедес побара осудителна пресуда за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за делото злоупотреба на службата положба и овластувања.

Осудителна пресуда за ова дело би значела затворска казна бидејќи според Кривичниот законик на Република Македонија, за ова дело не е предвидена условна или парична казна.

– Сметаме дека во дејствијата на обвинетата се содржани обележјата на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања бидејќи истата била свесна за делото и го сакала. Со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски незаконски да постапи и да фаворизира економски оператор за набавка на конкретното возило – рече обвинителката Фатиме Фетаи.

При одмерување на казната таа побара судот да ги има предвид отежнителните и олеснителните околности. Отежнителни како што наведе Фетаи е степенот на кривичната одговорност бидејќи делото е направено додека Јанкулоска била на функција. Како единствена олеснителна околност од СЈО ја посочија семејната положба.

Фетаи и нејзиниот колега Стевчо Донев во заврши зборови ги анализираа доказите со кои располага СЈО. Меѓу нив и тоа дека една година претходно, во 2011, помошник министер во МВР Ѓоко Поповски како овластено лице донел одлука да се набави поволно користено блиндирано возило со одреден степен на заштита, а предвидениот буџет за оваа набавка бил околу 22 милиони денари. Во одлуката за оваа набавка било напишано дека при испитување на пазарот набавката на ново возило е скапа и не одговара на куповната моќ на МВР.

Меѓутоа оваа набавка била одложена а во планот за јавни набавки за 2012 година било наведено дека е планирана набавка не на поволно туку на ново блиндирано возило ама за сума од околу 15 милиони денари. Планот го потпишала Јанкулоска како министерка, но, ваквиот износ подоцна бил променет на сума од над 30 милиони денари.

– Јасно се забележува дека во постапката за набавка има технички спецификации кои се разликуваат од таа во 2011. Зошто не останале техничките спецификации од 2011 години, зошто не го смениле само зборот поволно во ново – рече Донев наведувајќи ги потоа доказите на СЈО за фаворизирање на економски оператор.

Донев и Фетаи ги наведуваат техничките спецификации вметнати во тендерот со кои се отстранува конкуренцијата и се фаворизира една марка и конкретно возило. Ги анализираат и бомбите во кои како што рекоа, се слуша што бара Никола Груевски, како обвинетата Јанкулоска кажува дека е извесно кој ќе ја добие набавката, како бара финта за да се стесни просторот за конкуренцијата итн.

– Неспорно е дека Никола Груевски во тој период бил премиер и ја искористил својата моќ за влијание и побарал од Јанкулоска да изврши службено дејствие што не смеело да се изврши односно да се спроведе набавка и да се фаворизира економски оператор – наведе обвинителот.

Јанкулоска, пак, наведоа тие, со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски да изврши кривично дело искористувајќи ја својата положба и овластувања.

Двајцата знаеле што прават и зошто, смета СЈО.

Фетаи ги анализираше и исказите сведоците кои ги предложија Јанкулоска и нејзините адвокати. Тие, како што рече таа, зборуваа дека старите возила често се расипувале и имало потреба од нови, но суштината на обвинението рече обвинителката е начинот на кој е набавено возилото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...