Феминистички штрајк во Грција по повод Денот на жената

47

Феминистички организации, здруженија на жени, синдикати и униите на жени од дел од грчките партиите, здружени во „Грчката мрежа за феминистички штрајк на 8-ми март“, денеска првпат во Грција организираат штрајк и протест во грчката престолнина, јави дописничката на МИА од Атина.

Тие се вклучуваат во светските активности по повод Денот на жената за „општество без сексизам, нееднаквост и родово насилство“ и во 14 часот по локално време ќе одржат протест во центарот на Атина.

– Во заедничка акција со милиони жени ширум светот, ги повикуваме жените вработени во приватниот и државниот, бизнисменки, жени земјоделци, студентки, ученички, сите жени да престанат со работата и часовите, да не одат да пазарат и да отсуствуваат од семејните обврски во текот на целиот ден – пишува во повикот на „Грчката мрежа за феминистички штрајк на 8-ми март“.

Воедно, тие ги наведуваат и нивните барања, велат „доста е“: за нееднакви плати и препреки за унапредување поради женскиот пол, за отпуштањата на бремени жени, за зголемената невработеност на жените, за сексуално вознемирување на работното место, за половата дискриминација и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација, за родовото насилство и убиствата на жените.

„Грчката мрежа за феминистички штрајк на 8-ми март“ во повикот објаснува дека меѓународниот штрајк на жените започнал во 2016, минатата година учествувале 40 земји, а „Грција и нејзините жени не можат и не треба да не бидат дел од овие големи активности“.

Повик за учество во штрајкот упатија и униите на жени од партиите СИРИЗА, Движење на промена, Движење на демократски социјалисти и Зелени екологисти, како и двата најголеми синдикати на вработените во јавниот и приватниот сектор.

Синдикатот на вработени во државниот сектор за денеска најави неколкучасовен прекин на работата, односно од 13 часот до завршувањето на работното време.

За одбележување на Меѓународниот ден на жената, Алексис Ципрас, во премиерската палата во Атина, покани жени од разни социјални и работни групи, од синдикатите, од вооружените и безбедносните сили и структурите за социјална солидарност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...