Пратеничката од групата на европските социјалдемократи, Тања Фајон за МИА вели дека е многу задоволна со убедливата поддршка која сите граѓани на Македонија и ја дадоа на Спогодбата со Грција и покрај фактот што загрижува неизлезеноста.
Таа смета дека сега на ред е Собранието за усвојувањето на уставните амандмани.
– Премиерот Заев ја има мојата потполна поддршка и се надевам дека Договорот ќе биде усвоен, секое друго сценарио значи враќање чекор назад-предупредува Фајон.
Македонија, потсетуваа таа, долго беше неспособна да напредува и изгуби многу време на патот кон ЕУ и НАТО. Денеска таа верува дека сѐ уште е можно Договорот да успее.
– Членството во ЕУ и НАТО е најдоброто сценарио за Македонија, вели Фајон. Сега политичкиот врв и опозицијата треба да покажат зрелост и мудрост и да ги стават интересите на Македонија пред личните интереси- порачува пратеничката од Словенија.
Според Фајон ЕУ и НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија во наредниот период за да може да се остварат евроатлантските цели на земјата. Таа порачува дека граѓаните, исто така, во овие мигови треба да покажат одговорност пред иднината на сопствената држава.
– Околу бојкотот, ние не знаеме кои се тие луѓе кои бојкотирале и зошто, јас ги повикувам сите граѓани да преземат одговорност за својата држава.
Таа смета дека опцијата за предвремени избори не е најдобра.
-Слушнав дека тоа е можност и дека Владата е подготвена на такво нешто, но во прашање е кусо време, а и не сум сигурна колку луѓето имаат желба повторно да одат на избори. Сега е време Македонија да се стабилизира, не е време за избори. Македонија треба сега да биде стабилна и силна- порачува Фајон.
Запрашана дали требаше Европската Унија да покаже повеќе храброст во доделувањето јасен датум за преговори Тања Фајон одговори дека „највеќе храброст покажа Зоран Заев“.
– Македонската власт која по 27 години направи таков договор за решавање на тој спор, тоа е тоа што е историски, сѐ друго е дел од меѓународната поддршка, порача Фајон.