Во гласањето доверба на владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас откако коалицискиот партнер на неговата Сириза се повлече од владата поради договорот со Македонија влогот е голем, оценува Фајненшл тајмс.
Тој влог, како што наведува британскиот весник, е висок не само за грчкиот премиер Ципрас, туку и за Македонија, но и за Балканот и ЕУ.
„Билатералниот договор на Атина и Скопје усогласен минатата недела во кој се предвидува, како што пишува ФТ, северниот грчки сосед да го смени името во Република Северна Македонија би ставил крај на тридеценискиот спор кој изби по распаѓањето на Југославија би му го отворил патот на Скопје за придружување на НАТО и ЕУ, што би претставувал поттик и за петте западнобалкански соседи кои исто така сакаат да влезат во европскиот блок“, наведува британскиот весник.
Истакнувајќи дека Ципрас сега мора да се бори за мнозинство во парламентот, каде неговата партија има 146 од 300 места, ФТ додава дека неговиот неуспех би го довел во сомнеж договорот за преименувањето на Македонија, кој во петокот го одобри македонскиот парламент, но треба да го ратификува и грчката страна.
Британскиот весник пишува и дека постигнувањето на договорот за решавање на спорот околу името, кој во јуни го постигнаа грчкиот и македонскиот премиер, би било од клучно значење и за договорот за почеток на преговорите за пристапување на Скопје во ЕУ, и покрај загриженоста на некои членки поради (не)владеењето на правото и организираниот криминал.
Поддржувачите на проширувањето на ЕУ веќе водат битка да ги убедат скептичните земји како Франција и Холандија дека Македонија остварила конкретен напредок во реформите кои се потребни за почнување на пристапните преговори, заклучува Фајненшл тајмс.