Управата за финансиско разузнавање тврди дека соодветно постапила по сите предмети што се во нејзина надлежност, а поради доверливоста на информациите не може да открива какви било сознанија во врска со истрагата во државната компанија МЕПСО, која била спроведена на барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Обвинителството на Вилма Русковска, пак, завчера за Плусинфо, откри дека и по неколку ургенции од надлежниот обвинител испратени во текот на 2018 година Управата да ја заврши работата во рок од 30 дена, немало епилог по наредбата, а ниту каков било одговор од таа институција.
На прашање на Плусинфо дали Управата за финансиско разузнавање постапила по барањето на Обвинителството и зошто сѐ уште нема сознанија од нивната истрага, како што тврди надлежниот обвинител, од кабинетот на Блажо Трендафилов, првиот човек на Управата за финансиско работење го дадоа овој одговор:
„Имајќи го предвид јавниот интерес, а воедно ценејќи ја и новинарската работа би ве информирале дека меѓуинституционалната соработка помеѓу институциите кои го спроведуваат законот е податок со одреден степен на доверливост за кој не би можеле дополнително да ве информираме. Воедно, би сакале да ве информираме и вас и пошироката јавност дека по сѐ она што било или претставувало предмет на работа на Управата е соодветно постапено согласно Законот и согласно своите надлежности“.
Управата за финансиско разузнавање која два пати досега го смени својот назив, од Дирекција за спречување на перење пари во Управа за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, од март 2002 година функионира како орган во состав на Министерството за финансии и токму на нејзина адреса во 2018 година,
Обвинителството на Вилма Русковска испратило наредба за прибирање податоци за јавните набавки во државната компанија МЕПСО, меѓу кои и за набавката за изведба на фасадата на зградата на МЕПСО за која од буџетот биле исплатени 11 милиони евра, а која неодамна поттикна уште една истрага на Обинителството, откако силен ветар го зафати Скопје и откорна дел од барокниот покрив.
Оваа наредба на Обвинителството пред две години била издадена по извештај на Државниот завод за ревизија во кој биле констатирани многу пропусти во дел од јавните набавки во МЕПСО, а за кој била информирана и поранешната Влада на Зоран Заев.
Ревизорите откриле дека основниот проект не содржел елаборат за енергетска ефикасност, иако самиот договор за реконструкција на фасадата со штипски „Бетон“ се правел токму со цел таа да се подобри. Уште тогаш ДЗР му препорачал на МЕПСО да ги преиспита активностите, а објектот брзо да го стави во функција затоа што фасадата не била завршена во првично предвидениот рок од 18 месеци. Тоа било задача на новото раководство на компанијата, кое наместо со завршница на првата истрага, се соочува со нова по скопскиот ураган.
„Наведените состојби не се во согласност со одредбите од Законот за трговски друштва, Законот за јавните набавки и законот за градење, упатуваат на отсуство на синхронизација, неодговорно и несовесно работење, како и на непреземање на соодветни дејствија за заштита на интересите на друштвото од страна на одговорните лица“, пишува во извештајот на ДЗР, а кој бил дел од истрагата на Обвинителството.
Ревизорите откриле и дека биле извршени редовни работи и вишоци во износ од 87.879.000 денари кои, како што велат, претставуваат предмет на судска постапка, а биле извршени и дополнителни работи во износ од 1.200.000 денари кои не се регулирани со анекс договор. Имало и непредвидени работи во износ од 13.111.000 денари кои не биле уредени со договор и ред други пропусти во јавните набавки за кои обвинителот барал податоци од Управата за финансиско работење, а сега и од МВР.