Феноменалниот настап на танчарите од француската компанија „Покемон“ со претставата „Тишина, на турнеја сме!“ синоќа го затвори 14. издание на фестивалот Танц фест 2018 во Скопје.
Француската група направи вистински спектакл на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје покажувајќи ги својата неверојатна техника и експресивност.
Компанијата „Покемон“ е една од најатрактивните француски танцови компании, кои ја негуваат синергијата помеѓу современиот танц и хип хоп-от. Има добиено многу интернационални награди за своите изведби и гостува на многу престижни фестивали ширум светот.
Кореографијата е на уметничкиот директор на компанијата Ријад Фгани, а настапија шест ексклузивни танчери: Хјацинте Валери, Хсисон Кевин, Микаел Инг, Фгани Дунуел, Мезаине Мехди, Бен Џелоул Мехди и Бафинал Гаел.
„Тишина на турнеја сме!“ изобилува со несекојдневна експресија, извонредни тела кои се движат по сцената на експресивен начин, со цел да доловат атмосфера на живеење од 30 години на 20 век, во кои танцот има своја улога. Претставата е омаж на развојот на киното во 30-тите години на 20. век и неговата уметничка експресија, на сцената се случува синергија на хип хоп движења, музикалните комедии на тоа време и современиот танц. Компанијата потекнува од градот Лион, каде во 19 век браќата Лумие го измислуваат киното.
Компанијата „Cie Pockemon Crew“ е основана во 1997 година. Уметничкиот директор Ријад Фгани е член на компанијата од нејзиното основање, а уметничкото водство го презема во 2004 година. Во 2007 година компанијата го освоила првото место ма КБ шампионатот во Кореа. Фгани, како уметнички директор развива посебен стил, синергија на танц од различни стилови и артисити, како современи танчери, балерини, циркуски изведувачи, мимичари и актери. Тој прифаќа во 2005 година нови генерации на брејк денс изведувачи, со кои развива сопствен метод на работа. Во 2003 година, компанијата започнува соработка и со Националната опера на Лион, која трае до денес. Идентитетот на „Покемон“ е огромната желба да го споделат искуството, експертизата и вредностите кои се поврзани со хип хопот. Секој танчер има свое место, базирано на неговата експресија, динамика, изворот на инспирација.
Компанијата е во константна потрага по сопствен израз, а комбинацијата на нивната техника и естетика ги прави икони на танцовата сцена и новите генерации.