Неодамна, еден дамнешен познаник, „прогресивен вмровец“, ми направи убава паралела: како што, на почетокот од деведесеттите, по падот на комунизмот и доаѓањето на демократскиот плурализам во Македонија, комунистичките структури и тој општествен менталитет останаа долго време многу присутни елементи во владеењето со државата, барем до победата на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година; така и сега, после една деценија „продлабочена“ власт на Груевски, не може да се очекува дека општествениот менталитет и институциите во државата ќе се променат за една-две години по доаѓањето на новата власт. Општествено-политичката трансформација што во стилот, содржината и целите на владеењето ги востоличи Груевски – она што денеска генерички го означуваме како „груевизам“ – се подлабоки од можноста со нив да се раскрсти со една обична победа на избори, после сите трауми низ коишто помина и државата и нејзините граѓани за ефектуирање на паѓањето на претходната власт!
Оваа теорија на одредена политичката инерција, всушност, е само „политизација“ на Првиот Њутнов закон на механиката, кој вели: „Тела кои мируваат настојуваат да останат во мирување, а тела кои се движат рамномерно праволиниски настојуваат да ја задржат таа состојба сè додека на нив не дејствува некоја надворешна сила.“
Во случајот на „рамномерното праволиниско движење“ на Никола Груевски додека беше на власт, „надворешната сила“ што, разорно, дејствуваше, се викаше Зоран Заев, иако и него можете да го третирате како генеричко, збирно име на разни домашни и странски фактори кои придонесоа за падот на Груевски од власт. Но, дека беше разорно – беше, со конечно катапултирање до Будимпешта!
Сега за Заев, пак, блокаторот на неговото движење откако е дојден на власт е претходната инерција, тоа праволиниско движење на Македонија што му го остави Груевски во наследство. Еден збир на вмровско еднодецениско дембелеење на државна сметка – идеал на кој многумина и во СДСМ завидуваат! – во комбинација со мноштво приватни интереси и националистичка демагогија, здружно споделена со албанските криминогени партнери за кои, пред бродот да потоне, имаше подготвен чамец за спасување – солиден чамец, ги спаси од давење, сега даваат часови по веслање и на новите партнери во власта!
Сепак, со наглото заминување, во дистинктивно различни насоки, на Груевски и на Мијалков од македонската политичка сцена, се отвора широк друм за растурање на таа наследена, Њутнова, системска инерција. Груевизмот незапирливо ќе се рони, а нема веќе и вадење на потпишаните банкарски гаранции. И тие се во СЈО, претпоставувам.
Евро-атлантската понуда е и во излогот и зад тезгата во дуќанот на Заев, сега со него ќе се решава дали ќе има или ќе нема нешто од „бизнисот“. Завршено е со средбите и со консултациите во „Мериот“. Оние што се паметни брзо разбраа дека сега дијалогот е директен, без посредници. За оние што поспоро капираат („Апсењето на Мијалков ги загрозува уставните промени“ – немој, бе!), би требало да се упатни наодите на анкетата на Телма/МЦМС според која големи две третини од македонската јавност бара спроведување на правната држава во Македонија, без каква било амнестија. Политичка цена ќе се плати, Заев прв сам се пријави.
Тоа важи и за Мицкоски кому, во отсуство на Груевски и Мијалков, можеби парадоксално, му се стеснува маневарскиот простор за продолжено „гуслање“ на патриотските партиски гусли заради штитење на… Што?… На одговор на тоа прашање повеќе не помага маневрирањето помеѓу „чуњевите“ што му ги поставуваше Фамилијата на патот.
Но, Фамилијата тукушто се отсели, трајно. Сега е на ред враќање на кредибилитетот, и дома и во странство, по можност без клечење по партиски бини. Рејтингот на Мицкоски му е многу низок, ама, па, од тука се може само нагоре. На него е изборот дали ќе останат во друштво на европските демо-христијани или ќе се отпишат од таму, за да заминат со Орбан во изгледната група на десните и уште подесните популисти.
Македонија, сепак, и за нивна среќа, веќе не е Унгарија. Ама за тоа во ВМРО-ДПМНЕ ич не се заслужни. Напротив.
Извор: Цивил медиа