Фалат дури 350 лекари во амбулантите, ќе се привлекуваат со субвенции

Една од новините е што ќе биде дозволено неколку лекари да ги групираат своите ординации за да може да се пружаат повеќе и поквалитетни здравствени услуги на пациентите.

507

Соочени сме со недостиг на лекари во одредени региони во државата во примарното здравство, каде фалат 350 лекари, а тоа треба да е столб на здравствената заштита. Решивме да го надополниме овој дел со субвенции за специјализации по семејна медицина, по снимањето на состојбите на теренот со експерти од СЗО и Светската банка, која е вклучена отпочеток во реформите во примарното здравство, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче, на одбележувањето на Денот на семејниот лекар, 19 мај, во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.

Една од новините е што ќе биде дозволено неколку лекари да ги групираат своите ординации за да може да се пружаат повеќе и поквалитетни здравствени услуги на пациентите. Од следната година концептот на семејниот лекар треба да заживее во целата земја – дел од матичните лекари посетуваа едукации, а воведена беше и триодишна специјализација.

– Државата ќе ја субвенционира специјализацијата по семејна медицина за лекарите кои ќе сакаат да работат во примарното здравство, се забележува дека во некои региони нема интерес, па со оваа мерка сакаме да го зголемиме интересот кај младите лекари – рече Филипче.

Докторите по медицина кои ќе ја одберат оваа погодност, ќе треба неколку години да работат како матични лекари.

Д-р Катерина Ставриќ, која е и шеф на катедрата по семејна медицина, изјави дека од 2010 година 340 лекари специјализирале семејна медицина, а 80 биле на доедукација за оваа специјалност. Во примарното здравство сега има околу 1.500 матични лекари.

Претседателката на Здружението на општи и семејни лекари, д-р Катарина Ковачевиќ, рече дека од Фондот за здравство ќе бараат олеснувања во однос на препишувањето лекови од позитивната листа и упатувањето кај специјалист, но ќе следат и други предлози во интерес на поквалитетни услуги за пациентите.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...