Факторот Заев

615

Не е некоја голема тајна за многумина дека веќе потпишаниот Договор за решение на грчко-македонскиот спор за името Македонија е „скоцкан“ (Зоран Димитровски) во Вашингтон. Во прилог на тоа зборува и една неодамнешна изјава на висок функционер од админастрацијата на Трамп кој рече дека улогата на американската дипломатија била „централна“ за постигањето поволен исход во преговорите за решение на тој спор.

Укажувам на тој момент кој добро зборува за тоа дека е неопходно да се најдат на политичката сцена многу фактори (или, уште подобро, актери) кои ќе ја одиграат со иста жар и со ист интензитет својата улога за да заврши со успех и аплауз било театарска, било политичка драма. Притоа, не треба да се губи предвид дека разликата меѓу политичка и една театарска драма е во тоа што нема главни и епизодни улоги во првата. Сите улоги се подеднакво главни. Така, на пример, тешко може да се замисли дека би дошло до Договор кога премиер на Грција би бил Киријакос Мицоткис. Ниту силната политичка волја на Заев, ниту неговата храброст да носи тешки политички одлуки, а ниту пак политичкиот притисок на САД и ЕУ би довеле до успех на тие преговори. Попрво бо дошло до фијаско на тешките преговори кои ги водеа Коѕијас и Димитров.

Одликите силна политичка волја и храброст да се носат тешки одлуки се одлики на еден толерантен (демократска) духовен склоп, каков што е, несомнено, духовниот склоп на премиерот Заев, наспроти оние духовни склопови со силни авторитарно-деспотски склоности. Многу добро зборува за тоа неодамнешна изјава на нашиот премиер. Тој рече дека е „завршено со нашите политики“ доколку не успее претстојниот реферндум. Таа изјава зборува, меѓу другото, дека нему не му е во прв план неговата политичка кариера. Зборува, исто така, дека за него политиката е само средство кое помага да се дојде до некоја цел од важност за сите луѓе на една земја со влада чиј премиер е тој.

Многу поинаку стојат работите со една личност со авторитарни склоности како, на пример, Никола Груевски. Кога, по некоја цинична игра на случајот, тој би се одржал на власт и наспроти „бомбите на Заев“, кога на другата страна би го имал демократот Ципрас, кога интензитетот/поддршката на меѓународната би бил ист како оној врз Заев, и тој би го потпишал „штетниот“ (Иванов) и „капитулантски“ (Мицкоски) Договор со Грција. Ама, би го потпишал од сосем други побуди. Тие побуди се егоистички. Наспрема побудите на Заев кои се алтруистички. Или, „аутистички“ според речникот на пастир Никола кој ни не ги разликува зборовите „аутизам“ и „алтруизам“.

А дали би го потпишал екс-претседателот Црвенковски кога би се нашол на местото на Заев? Убеден сум дека тоа би го сторил со двете раце. Иако, според универзитетскиот професор Љубомир Д. Фрчкоски, „колебливоста“ е главна одлика на неговиот политички стил, а пак храброста главна на стилот на Заев. И екс-претседателот Црвенковски е политичка фигура со јасно покажани и докажани демократски склоности. И тој е бескрајно далеку од некои засведочени авторитарно-деспотски склоности, како оние на пастир Груевски за кого власта и одржувањето на власт се цел, а не средство како за Заев и Црвенковски. Меѓу изборот да се одржи на власт и да си скокне со двете нозе в стомак, да ја згази својата слика на голем Македонец кој „живот дава“ ама „името не го дава“, тој би ставил потпис врз „штетен“ и „капитулантски“ Договор не само со двете раце туку, ако притреба, и со двете нозе.

А што би значело кога големите западни демократии (САД и ЕУ) би се решиле на политичката стабилократија (Фрчко) на сметка на демократијата? Кога би му помогнале, на пример, на автократот Никола да се одржи на власт? Само затоа што ставил потпис врз еден „штетен“ и „капитулантски“ Договор кој решава еден регионален спор и кој помага да се одржи мирот на Западен Балкан? Тоа бездруго би значело дека тие силни демократии потпомагаат или, уште подобро, отвораат широко врати за автократизации кои се закана и опасност не само за кревките демократии на земјите од Западен Балкан, туку и за демократските системи со големи традиции, со силни институци и, најпосле, со јавно мнение кое функционира многу подобро отколку кај нас.

Сега, збор-два за зборот „автократизација“. Тој збор звучи некако ново во нашите политички уши. Ама, ако човек се загледа нешто подолго во неговата „морфолошка слика“, како што велат учените лингвисти, брзо ќе се досети дека е направен по углед на зборот „демократизација“. И едниот и другиот збор упатуваат на процес (серија акции) кој доведува до појавата автократија на една и демократија на друга страна. За да почне процесот автократизација, вам ви е неопходна некоја личност во високата власт (премиер на влада) како Никола Груевски, на пример. За да почне некој процес на демократизација потребна ви е политичка фигура од форматот на Заев или на Црвенковски, затоа што јас мислам дека неговите демократски капацитети се несомнени.

Ќе си допуштам тука да соопштам нешто лично. Зборот „автократизација“ е прв во насловот на докторската дисертација на мојот син Огнен Вангелов. Полниот наслов на дисертацијата гласи: „Авотократизација на парламентарните демократии врз примерот на Унгарија и Македонија“. Тој ја одбрани својата докторска дисертација на Кингстон универзитетот во Канада со одлична оценка (cum laude). Дисертацијата е напишана на англиски јазик, а пак мојот говорен странски е – францускиот. Тоа треба да каже дека не сум ја прочитал. Само сум ја прелистал. Го прашав дали има посебно поглавје за улогата на личноста во процесот „автократизација“? Ми одговори дека нема, но затоа пак таа улога „провејувала“ низ целиот текст на неговата дисертација.

Такво прашање му поставив затоа што во некои разговори, во текот на изработката на неговата дисерација, често му сугерирав да обрне внимание на тој, според мене, мошне важен фактор. Си допуштив, затоа што добро се знае дека улогата на личноста игра видна улога (како и многу други фактори) во долгите или бавни процеси „автократизација“ и „демократизација“. Без факторот Груевски немаше, нашата кревка демократија, да заврши во автократија. Без факторот Заев немаше да дојде до пад на таа автократија и до враќање на Македонија на патот кон евро-атлантските интеграции.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...