Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу демантира дека бил инволвиран во случајот на незаконска исплата на пари од проект на ИПА фондовите. Финансиската полиција вчера информира дека Фазлиу и поранешниот министер за локална самоуправа Лирим Шабани, како и две вработени во министерството добија кривични пријави.
– Синоќешните јавни обвинувања од страна на медиумите, а во име на финансиската полиција припаѓаат на времето и мандатот кога со ова Министерство управувал некој друг. Во мое време, пред една година овој случај е затворен. Им наложив на споменатите соработници во обвинувањата да ги вратат средствата- и средствата беа вратени, вели Фазлиу.
Според него, објавувањето на овој случај, конкретно во ова време, и тенденцијата по секоја цена во име на финанасиската полиција да се стави дамка на неговото име и личност и е испратено на погрешна адреса.
– Апелирам до сите релевантни институции во државата, а исто и до финансиската полиција сериозно да се зафатат со истражување, откривање и документирање на злоупотребите, корупцијата во сите сегменти на државата, без да поштеди ниту поединец, ниту група на организиран криминал. Крајно време е раководителот на Управата за финансиска полиција сериозно да се зафати со реалните злоупотреби кои се вкоренети во Македонија во последните 20- 30 години, и да не дозволи да стане дел од политичките игри барајќи криминал таму кадешто не му е место, а затворајќи очи таму кадешто и слепиот гледа реален и организиран криминал – вели Фазлиу.