УЈП ќе им ја олесни регистрацијата на пензионерите

803

Управата за јавни приходи (УЈП) најавува брзо законско решение што ќе содржи олеснителни околности за регистрација на пензионерите во Управата поради новиот концепт на Годишната даночна пријава.

– Наредниот период, за кратко време, ќе излеземе со законското решение што ќе се однесува на олеснителната околност на пензионерите кои остваруваат само приходи од пензија – изјави директорката на УЈП Сања Лукаревска, одговорајќи на новинарско прашање денеска на предавање во употреба на нов систем за проценка на ризик.

За проблемите што се јавуваат со системот за регистрација таа рече дека ги менаџираат секојдневно, но оти на корисниците им стојат на располагање шалтерите во УЈП во Скопје, како и телефонските линии со цел да се надминат проблемите.

– Мобилните екипи на УЈП секојдневно се на терен. Дали одиме кај даночни обврзници, мали, средни и големи, дали одиме во сите министерства, имаме контакт со огромен број лица кои треба да се регистрираат. Некаде оди поспоро, некаде побрзо, меѓутоа кога станува збор за една ваква реформа сепак треба да се има предвид дека тешкотии ќе има, меѓутоа на крајот ќе се види резултатот – истакна директорката.

Таа додаде дека е побарана помош и од општините да обезбедат простор и техничка опременост со цел да може да се изврши регистрацијата на даночните обврзници, а и телефонските линии на сите оние што одат на терен се постојано достапни.

– Ова е прва година и очекувавме дека ќе имаме вакви проблеми, меѓутоа стартот го означивме и ќе одиме до крај – потенцира Лукаревска.

Во врска со најавеното воведување прогресивна даночна стапка, директорката рече дека Управата за јавни приходи како имплементатор на оваа даночна реформа е подготвена и мора да биде подготвена.

– УЈП е имплементатор на прогресивното оданочување, кое го сметам за доста праведно. УЈП е подготвена и мора да биде подготвена. Секако, како и досега, се случувало, не е првпат да падне системот. И претходно во минатото сме имале такви технички проблеми од ИТ аспект и се надевам дека ќе имаат разбирање обврзниците – посочи директорката на УЈП.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...