Владата ја проширува обврската од алатката за транспарентност на околу 50 органи во состав на министерствата, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, изјави на денешната прес-конференција министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
– Владата ги задолжи директорите и замениците директори на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на министерствата, што се околу 50 на број, што влегуваат во овој втор прстен на проширување на алатката за транспарентност – изјави Поповски.
Тој посочи дека информациите тие треба да ги достават во текот на јуни, по што ќе бидат објавени на нивните веб страници.
– Планот е во иднина оваа алатка да биде проширена на сите буџетски корисници. Тоа значи дека локалната самоуправа и сите носители на функции што можат да трошат пари на граѓаните тоа редовно да го објавуваат и тоа да стане практика во Република Македонија – изјави Поповски.
Тој посочи дека првиот извештај на алатката за транспарентност се однесуваше на премиерот, министрите и државните секретари и дека ќе следи и втор извештај, поврзан со оваа група на носители на јавни функции што ќе го опфати периодот од 1 декември 2017 година до 31 мај 2018 година.