Уште 34 јавни здравствени установи чекаат молерај

Од Министерството ветуваат дека во периодот што следи уште 34 јавни здравствени установи во државата ќе бидат опфатени со активности за реновирање и подобрување на општите услови за работа.

142

Хируршките сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се комплетно реновирани, а во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир се реновирани двете гинеколошки операциони сали првпат по четири децении. Реновирани се одделенијата и на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Универзитетската клиника за хематологија, Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, како и одделот за интензивно лекување на Универзитетската клиника за неврохирургија, соопшти Министерството за здравство.

„Во овој процес се опфатени и здравствените установи во другите градови, како Здравствениот дом Велес каде комплетно е обновена службата за Итна медицинска помош, а во Општата болница во Куманово е отворен новиот Ургентен центар, комплетно нов објект изграден од темел“, соопшти МЗ.

Паралелно се одвиваат и активности од поголем обем како градењето на новата Клиничка болница во Штип, што е во процес. Во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје (стара градска болница) завршена е првата фаза од реконструкцијата на одделенијата. Градежните зафати од реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се комплетирани до 80% од целосното реновирање.

Како што е дефинирано според планот до крајот на годината ќе почнат работите и на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје.

Од Министерството ветуваат дека во периодот што следи уште 34 јавни здравствени установи во државата ќе бидат опфатени со активности за реновирање и подобрување на општите услови за работа. На Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) веќе е почната постапка за набавка со која ќе биде опфатено комплетно молерисување на сите внатрешни простории, поправка и репарирање на внатрешни врати и прозорци, замена на ѕидни и подни плочки и замена на галантерија во тоалети, како и набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...