Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) во целата држава изнесува 32.653. Од нив, 16.082 деца се вакцинирани на територија на град Скопје, додека пак, 16.571 дете е вакцинирано во останатиот дел од државата, информираат од Министерството за здравство.
Во текот минатата недела (од 06.07 до 12.07.2019) се пријавени вкупно 11 сомнителни случаи. Од нив, 10 случаи се класифицирани како мали сипаници, што покажува намалување од 30 отсто, во споредба со минатата недела. Од вкупниот број пријавени случаи, седум се од Скопје, а останатите тројца од Куманово.
Според вакциналниот статус, девет од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Оваа недела не се регистрирани нови случаи на мали сипаници кај здравствени работници.
Во целата држава остануваат уште 10.203 невакцинирани деца на возраст до 14 години. Потребно е да се засили спроведувањето на вакцинацијата, особено на предучилишните деца надвор од Скопје, каде од вкупно 19.494 невакцинирани, досега се вакцинирани само 11.130 деца.
Во извештајот на Европската Комисија се вели дека Министерството за здравство презеде чекори за контрола на ситуацијата со епидемијата, преку директна вакцинација во училиштата и детските градинки и со почнување голема кампања за вакцинација.
Вакцинацијата е единствената мерка за заштита од мали сипаници. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат.