Најмалку 29 мртви и над 650 повредени е најновиот биланс од вчерашниот земјотрес со интензитет од 6,4 степени по Рихтеровата скала во Албанија, каде денеска е прогласен Ден на жалост.
Властите изутринава потврдија дека се пронајдени уште четири тела, а едно лице утрово им подлегна на повредите.
Албанската министерска за здравство Огерта Манастирлиу соопшти дека над 650 лица се повредени, од кои деветмина се животно загрозени. Според неа, 65 лица се задржани за болничко лекување.
Локалните медиуми информираа дека околу 45 лица се спасени од под урнатините.
Албанскиот премиер Еди Рама вети дека спасувачите ќе продолжат „трпеливо и темелно да трагаат до крајот“.
Владата на Албанија денеска прогласи вонредна ситуација на подрачјето на Драч и Тирана, во областите кои се најмногу погодени од земјотресот.
Рама рече дека вонредна ситуација е прогласена врз основа на Уставот и законите, што подразбира одлуки во однос на финансии, но овозможува и серија други мерки.
Фото: ЕПА