На територијата на општина Центар во изминатите две недели се санкционирани 386 непрописно паркирани возила. Со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 144 возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, а со поставување на механичкото средство „блокатор“ санкционирани се 242 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници.
– Сообраќајната полиција и службата „Пајак“ на ЈП Паркинзи на Општина Центар, во периодот од 01.06. до 18.06.2019 година, санкционираа 144 непрописно паркирани возила, од кои две несовесно паркирани возила се отстранети од паркинг места наменети за лица со посебни потреби и девет возила се отстранети од зелени површини – се наведува во денешното соопштение од Општина Центар.
Од Општината апелираат до граѓаните да ги почитуваат прописите и да ги оставаат возилата на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки.