Уште еден скандал во културата: Фестивалот „Пеце Атанасовски“ по 45 години е „избришан“

546

Советот на Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ реагира на веста дека оваа национална манифестација што го негува изворниот мелос по 45 години ја нема во програмата на Министерството за култура  за оваа година. Односно, не доби ниту денар за активностите.

Според секретарот на фестивалот Златко Лашкоски, ова е шокантно и никогаш не се случило во четири и пол децении постоење на овој Фестивал, што ги негува и ги одржува изворните традиции од овие простори.

– Во годината кога Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ одбележува 45 години постоење, стигна веста дека од Министерството за култура доби „0“ средства за финансирање. Имало скусување на бараните средства, ама не се случило, буквално, фестивалот „да се избрише“. Ова е срамно и мислам дека со оваа одлука се девалвира фестивалот што ја негува и ја одржува изворната музика во Македонија. На Фестивалот настапуваат не само македонски изведувачи, туку и изведувачи од сите националности во земјава и ја претставуваат изворната музика. Сите заслужуваат да го имаат овој Фестивал, но ние, всушност, не знаеме што понатаму. Оставени сме на милост и немилост – изјави на прес конференција Лашкоски.

Организаторот на Фестивалот Донка Бачанова вели дека тој е национален бренд на зачувувањето на изворниот мелос од овие простори. Се одржува во Прилеп и Долнени, каде на Рудина доби и Амфитеатар. Има и Семинар за изучување на народните инструменти, а се изучуваат и на универзитетот во Штип. Секоја година настапуваат барем по 300 изведувачи од земјава и гости од странство.

– Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ се води како фестивал од национален интерес. И без разлика на рестрикциите досега, беше признат од Министерството за култура. Сега е проблемот што сме „избришани“ од Министерството – вели Бачанова.

Советот на фестивалот се уште се надева дека со ревидирање на програмата на Министерството ќе добие колку-толку средства. Во спротивно, Фестивалот сепак ќе се одржи и тоа, велат, пред Министерството за култура.

– Ние во Советот на фестивалот размислувавме дека, ако не добиеме пари од Министерството, нема да го прекинеме фестивалот кој има континуитет од четири и пол децении, ќе го одржиме со помош на пријатели, но ќе го одржиме пред Министерството за култура за да видат за каков фестивал станува збор – рече Лашкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...