Уште еден предмет на СЈО останува кај истиот обвинител. Републичкиот обвинител Љубомир Јовески случајот „Тотал“ го распореди кај Елизабета Јосифоска која и досега во застапуваше обвинението. Рочиште за овој случај е закажано за утре.
Случајот „Тотал“ се однесува на даночно затајување од страна на новинарот Драган Павловиќ-Латас како сопственик и управител на фирмите за маркетинт и консалтинг услуги „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје.
Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а Павловиќ-Латас за 63 илјади евра.
Утре треба да се одржи судење и за „Триста“, предмет за кој, како што веќе информиравме, Јовески во овласти обвинителот Стевчо Донев, кој и досега го застапуваше обвинението.
Претходно, републичкиот обвинител ги овласти и Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски за случајот „Монструм“, а вчера и по Ленче Ристоска за „Талир 2“.
Кога тој ги презема предметите од СЈО, најави дека при распределбата кај обвинители, приоритет ќе им се даде на оние кои се во судски процес.