Уште еден пораз во борбата против корупцијата?

1590

Можеме да здивнеме и да ги прославиме новогодишните и божиќните празници спокојно. Новите антикорупционери, членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ќе имаат повисоки плати, според последната верзија на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси што се носи по скратена, предновогодишна постапка во парламентот. Нивната плата ќе биде на ниво на пратеничката, а претседателот/претседателката на ДКСК ќе се качи на ниво на потпретседател-ка на собранието (распон меѓу 1.000 и 1.200 евра) со мандат од пет години, па апанажи… Одлична вест, нели? Ќе имаме моќни, добро платени и заштитени антикорупционери.

И, да не се секираме, нема да бидат само пет, како што се заговараше во претходните верзии на законот. Во последен миг, одлучено е друштвото на антикорупционерите да остане со седум членови, како порано. Што повеќе, толку повесело… Та борбата против корупцијата во државата е важна работа! Борбата за правда е борба против корупцијата! Затоа, членовите на ДКСК мора да бидат добро платени, за да ја водат битката против корупцијата со полни стомаци и заштитени со сите можни бенефиции што може да ги даде државата. Бидејќи, нели, државата не смее да штеди во борбата против корупцијата…

Владата на Зоран Заев брифираше дека на претстојните претседателски избори ќе се оди со веќе усвоен антикорупциски закон и формирана Комисија. Да ве потсетам, ДКСК веќе девет месеци е обезглавена институција, по скандалите што ги разобличија коруптивните навики и постапки на антикорупционерите што беа во скутот на Грујо Серекеш.

До тука, приказната за македонската борба против корупцијата можеби не е идеална, но е горе-долу позитивна, претежно за новите седум функционери, потковани со нов закон, што ќе се избираат на конкурс, за кој потоа ќе се изјаснува парламентот. Но, само до тука. И ништо повеќе.

Низ рафалите во изминатите неколку месеци, ве запознав со Секретаријатот на ДКСК, со тие посветени и работливи луѓе врз чиј грб паѓа најголемиот дел од работата, тие што не престанаа и не го намалија квалитетот на својата работа ни по оставките на корумпираните антикорупционери.

Новиот закон се занимава опширно и детално со Секретаријатот, иако тоа не е случај со законската регулатива за слични тела. Не знаеме како тоа ќе се одрази на работата и функционирањето на ДКСК, но симптоматично е тоа што новиот антикорупциски закон не вклучува многу од препораките што дојдоа во последните месеци. Законот се кроеше и прекројуваше неколку пати, но министерствата што учествуваа во неговото кроење останаа глуви за барањата и предлозите на експертите и професионалците во оваа област. Останаа глуви и за работничките права на вработените во Секретаријатот.

Да ве потсетам, Секретаријатот е малуброен и слабо платен. Тоа останува непроменето и со новиот закон. Значи, предлагачите на законот немале проблем да им дадат повисоки плати и повеќе бенефиции на функционерите, но не и на тие што на свој грб ќе ја носат работата. И тоа не е крај. За истите плати, вработените во Секретаријатот ќе имаат повеќе и повисоки ингеренции отколку порано, што значи и повеќе задолженија и работни задачи.

Добра вест е дека ДКСК, поточно Секретаријатот (читај: работничките и работниците), ќе имаат одговорности и ингеренции да поведуваат прекршочни постапки против функционерите што ќе се огрешат од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Но, колку ќе бидат мотивирани, со три пати помалите плати од функционерите на ДКСК, со новите задолженија и со малиот тим, да ги исполнуваат и досегашните (преобемни) работни задачи и новиот товар од ингеренции и задолженија, може лесно да се претпостави.

На сето тоа, Секретаријатот е тој што води архиви и евиденција, обработува податоци, прави обемни и детални анализи, започнува и води истраги и подготвува предлози за постапки и решенија за седумте членови на комисијата. Единствено што Комисијата треба да направи, освен кафињата, ручеците и патувањата (што не е мала работа, нели?) е да одлучи позитивно или негативно за одреден предлог од Секретаријатот.

Сево ова е крајно разочарувачки, навистина. Надвор од сите очекувања беше ваквиот завршеток на непристојно долгиот процес на зајакнување на една од клучните институции што треба да се борат против канцерот во општеството и државата. Предлагачите на законот од Владата ја „завршија“ својата работа со неисполнување на голем дел од очекувањата за формирање една силна, добро поткована институција, важна во борбата со корупцијата. Сега, битката се сели на фронтот во парламентот.

Немоќна Антикорупциска значи неказнивост и корумпираност на функционерите и политичарите. Што ќе одбереме?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...