Уште двајца лекари во Кина, на возраст од 42 и 55 години, починале од коронавирусот. Тие се заразиле со вирусот додека лекувале пациенти во болниците во провинциите Хубеи и Хаинан, пренесува Си-Ен-Ен.
Досега во Кина од коронавирусот починаа најмалку десет лекари и здравствени работници.
Според последните податоци, досега починаа вкупно 2.619 лица, а заразени се повеќе од 79.000.
Надвор од границите на Кина потврдени се 27 смртни случаи, од кои најмногу – осум во Иран и седум во Јужна Кореја, пренесува Си-Ен-Ен.
Најмногу заразени на дневно ниво има во кинеската провинција Хубеи, од каде што почна да се шири вирусот. Досега се излекувани 24.000 лица.
Надвор од границите на Азија, најмногу заболени има во Италија – 152, каде што се регистрирани и три смртни случаи.
Поради вирусот, наречен Ковид-19, во Јужна Кореја е одложен почетокот на учебната година, а до крајот на март прекинати се авио-линиите од и кон градот Дегу, каде што е забележан најголем број на заразени.