Ученици од Кавадарци победија на државниот натпревар за претприемништво и иновации UPSHIFT 2019, со иновација за оценување знаења во образование. Невенка Чулева, Викторија Панова, Кире Лалков и Илија Јованов се млади претприемачи, под менторство на професорот Димитрија Ангелков од СОУ Киро Спанџов-Брко, електро машинско училиште. Професорот Ангелков денеска информираше дека со поддршка на SEED Фондацијата и Фондот за иновации, овие ученици креираа систем за испрашување и оценување на знаењето на учениците во реално време.
– Тие сакаат да придонесат за подобрување на квалитетот на образованието не само во училиштето во Кавадарци, туку на ниво на цела држава. Начинот на функционирање на ова иновативно решение е брз и едноставен – рече Ангелков.
Во моделот се употребени безжични уреди за далечинска контрола кои ќе ги користат сите ученици за истовремено да одговорат на прашањето кое е прикажано на екран.
– Секој далечински управувач има свој код, а со тоа добиваме брз и точен резултат за нивото на знаење на секој од учениците во реално време и за секоја наставна единица. Овој уред има широка примена како на пример во автошколи, при гласање, за правење на анкети, тестови за полагање на возачки испит, интерактивни и едукативни квизови – појаснија учениците.
Најефтини вакви системи во светот чинат 1.500 евра, а кавадаречкиот производ чини само двеста евра.
– Ова го унапредува нашиот образовен систем и придонесува за транспарентно оценување – додаде професорот.