Околу 100 ученици од ОУ „Песталоци“ на возраст од 7 до 8 години, на едукативната посета во лабораторијата на ЈП Водовод и канализација – Скопје имаа можност да се запознаат како функционира ова претпријатие. Тимот од лабораторијата преку интересна презентација, денеска ги едуцираа најмладите за значењето на водата, како истата се прочистува и пристига до нивниот дом.
-Скопската вода е една од најквалитетните води во цела Европа. Ова е важен податок со кој треба да бидат запознаени сите граѓани, секако и најмалите. Децата се нашето најголемо богатство и токму поради тоа уживав во секој момент од едукативната посета. Овој настан имаше за цел да им го развесели секојдневието на учениците и притоа на интересен и едноставен начин да ги едуцира за значењето на водата. Водата која што ја пиеме во Скопје е беспрекорно чиста и здрава и на истата секојдневно се прават анализи. Сега веќе овие ученици се запознаени за процесот како водата се испорачува до нивниот дом – изјави Генералниот директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, г-дин Душко Весковски, кој присуствуваше на настанот.
Учениците со големо љубопитство ја разгледаа лабораторијата и поставуваа голем број прашања. А претставниците од ЈП Водовод и канализација – Скопје, најавија дека и во иднина ќе продолжат да спроведуваат ваков тип на едукативни настани посветени за најмладите.