Учениците од ОУ „Киро Глигоров“ на гости кај претседателот Пендаровски

214
Учениците од трето и четврто одделение од ОУ „Киро Глигоров“ во општина Центар, заедно со своите професорки денеска ја посетија вила „Водно“ и се сретнаа со претседателот Стево Пендаровски. Со тоа почнаа „Отворените денови во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија“, како дел од проектот „Лице во лице со претседателот“.
Во иднина се предвидува да се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Пендаровски најмалку двапати месечно.

Децата присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме од припадниците на Баталјонот за почести и опслужување на Армијата и ја слушнаа химната.

Учениците го посетија официјалното работно место на претседателот, салата каде се одржуваат прес-конференции, свечената сала или мозаик сала, канцеларијата на претседателот, го видоа неговото биро. Се запознаа со дел од советниците на претседателот и останатите вработени. На претседателот му подарија пораки за татковината изработени од двете одделенија.

Тие се интересираа за претседателската функција, прашуваа што точно работи претседателот,  како се станува претседател, кои се најважните особини за извршување на оваа функција, дали е тешка неговата професија, како се пренесуваат вести… Го прашуваа и за неговиот приватен живот, семејството, дали има слободно време, која музика ја слуша, која е негова омилена боја и сл. Учениците изјавија дека еден ден сакаат да станат претседател на државата или да бидат советници на претседателот.

Пендаровски им порача на учениците дека треба пред се да се биде добар човек за да се стане претседател на една држава.  – Граѓаните очекуваат многу од тебе. Многу е битно граѓаните да знаат дека работам за нив, рече Пендаровски, кој додаде дека му помагаат неговите соработниците.

Со денешната средба на Пендаровски и учениците се најавува редовна практика на поголема отвореност на Кабинетот на претседателот. Сите заинтересирани граѓани и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на претседателот, http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 ќе имаат можност да остварат директна комуникација со Пендаровски, да споделат свои идеи и предлози и да учествуваат во настани од јавен карактер кои ќе бидат организирани во Кабинетот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...