Стотици луѓе вчера го посетија традиционалниот хуманитарен семеен базар кој се одржа во меѓународното училиште „Нова“, a сите собрани средства од настанот ќе бидат донирани на Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника.
На настанот под мотото „Од децата за децата“ се продаваа специјалитети од различни земји, ракотворби од домашни и странски уметници, беше организирана и лотарија, а присутните можеа да погледнат и голем број танц и музички точки од страна на учениците во оваа образовна институција. Присустуваа и голем број на дипломати меѓу кои и американскиот амбасадор, Џес Бејли.
Манифестацијата е организирана од Здружението на родители и професори од „Нова“ и базарот годинава се одржува по 12. пат. Досега средства собрани на оваа манифестација биле донирани на Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, за Домот на доенчиња во Битола, Домот за деца без родители „11 Октомври“ и многу други институции.
– Хуманоста е исклучително важен сегмент од филозофијата на „Нова“. Првично, за да помогнеме на институции на кои што тоа им е потребно, но и дополнително од нашите ученици да изградиме личности на кои хуманоста ќе биде важен дел од нивниот живот, од нивниот карактер дури и откако ќе го завршат своето образование во „Нова“ и ќе го продолжат образованието и кариера во насоката која ја одбале – истакнуваат од меѓународното училиште „Нова“.
Покрај хуманитарниот семеен базар, во оваа образовна институција во текот на целата година се организираат голем број на настани и акции кои имаат добротворна димензија.