Оптимисти сме дека може да се спроведе обврската од Договорот од Преспа, дека следната година учебниците нема да содржат иредентизам и ревизионизам, вели заменикот министер за надворешни работи на Грција Маркос Боларис, кој воедно ја предводи грчката страна во заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти од Македонија и Грција, во интервјуто за радиото „Практорио фм“ на грчката новинска агенција, јави дописничката на МИА од Атина.
Боларис објаснува дека можеби спроведувањето нема да биде 100 отсто поради кусото време, но сепак додава дека во новата учебна година, учебниците ќе бидат согласно предусловите на Европската унија за земјите членки.
За последниот состанок одржан пред неколку дена во Скопје, Боларис вели дека разговорите биле добронамерни и дека постојат луѓе кои треба да се надминат себеси бидејќи во изминатите години имало „антинаучна, антиакадемска, антиисториска пропаганда, за да се создаде идеологија“.
– Но, кога некој има квалитет за да каже дека ова не е точно, не се потпира на факти, не е документирано во историски извори, може да оди сѐ напред. Од голема важност е тоа што и според Договорот од Преспа, разговорите врз кои се темелат односите и соработката на двете земји и пријателството на двата народа се водат врз основа на објективни и меѓународно прифатени факти и извори. Ова е оружјето со кое се водат разговорите и затоа можеме да имаме резултат – вели заменик шефот на грчката дипломатија.
Боларис објаснува дека со оглед на тоа дека Грција околу 40 години е членка на Европската унија, грчките учебници, многу пати поминале низ сито и решето „за да не постојат иредентистички наводи во било кој правец“.
– Така што многу е тешко да се најдат, јас велам дека не постојат, иредентистички или ревизионистички наводи во нашите учебници. Но, сме отворени ако сакаат да ни дадат некоја забелешка, тука сме да разговараме за тоа, но ќе разговараме врз основа на академската, научната, историската вистина, како што е меѓународно прифатена од меѓународната академска заедница, тоа е нашиот договор – вели Боларис во интервјуто.
Копретседавачот со македонскиот дел од комитетот амбасадорот Виктор Габер, пак, вчера изјави дека на дводневната втора средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Македонија и на Грција што се одржа во Скопје минатиот викенд, се приближени ставовите во однос на концептите на двете страни, а утврдена е и динамиката на наредните средби.
Биле разгледани учебниците по историја и географија за основно и средно образование. Се очекува на наредните средби да стане збор за конкретни формулации во учебниците и тие да бидат адаптирани согласно Преспанскиот договор, а врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.
Следната средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет е закажана за 12 и 13 април во Атина.